ноември 22, 2024

Париз за одбивањето на Рим да прифати мигранти, спасени во Средоземно Море: Неприфатливо однесување

Француската Влада синоќа го осуди „неприфатливото однесување“ на италијанските власти кои одбиваат да му дозволат на хуманитарниот брод „Оушн Вајкинг“ да слезат 234 мигранти, спасени во Средоземното Море.

Ставот на италијанските власти е „спротивен на поморското право и духот на европската солидарност“, изјави за АФП извор од француската влада, пренесува Бета. – Очекуваме поинакво однесување од земјата која денес е прв корисник на европскиот механизам за солидарност, додаде изворот.

Претходно истата вечер, новата италијанска премиерка од екстремната десница Џорџа Мелони, ѝ се заблагодари на Франција, која, како што рече, се согласила да го прифати „Оушн Вајкинг“ во едно од нејзините пристаништа.

– Многу ја цениме одлуката на Франција да ги отвори своите пристаништа за да го преземе својот дел од одговорноста пред вонредната миграциска ситуација, која досега беше на рамената на Италија и на неколку други медитерански земји, рече Мелони.

Вчера, откако Италија ги игнорираше нејзините апели, невладината хуманитарна организација „СОС Медитеран“ побара од Франција да и додели пристаниште за истоварување на повеќе од двесте мигранти кои преживеаја бродоломи во Средоземното Море и беа заглавени 18 дена на бродот на таа организација „Оушн Вајкинг“.

– Ние сме во целосен ќор-сокак пред италијанскиот молк, рече Софи Бо, генерална директорка на „СОС Медитеран“, која го осуди „сериозното кршење на поморското право“ од страна на Италија, додека Рим одбива одредени мигранти, „загрозувајќи ги нивните животи“.

Фактот дека бродот беше пренасочен кон Франција „е екстремно решение како последица на критичниот и драматичен неуспех на сите земји-членки на Европската Унија и придружни земји да го олеснат одредувањето на безбедно место“ за истоварување на мигрантите кои се обидуваат да стигнат до Европа , соопшти организацијата „СОС Медитеран“.

Друг брод „Хјуманити 1“ на невладината организација „СОС Хјуманити“ исто така доби дозвола да се закотви на Сицилија во неделата, по неколку недели на море, за да симнат 144 мигранти, главно жени и деца. Меѓутоа, на бродот останаа 35 мажи кои Италија не ги сака да ги прими.

Трет брод, Гео Барентс, брод на Лекари без граници (MSF), исто така се закотви на Сицилија во неделата, при што италијанските власти им дозволија на 357 луѓе, вклучително и деца, да се симнат додека тоа беше одбиено за 215 луѓе.

Во јуни 2018 година, бродот „СОС Медитеран“ беше во центарот на дипломатска криза, откако спаси 630 мигранти во близина на Либија, кои беа симнати дури во Шпанија бидејќи Италија и Малта одбија да ги примат.

Read Previous

Републиканецот ДеСантис, можен претседателски кандидат во 2024., повторно избран за гувернер на Флорида

Read Next

Џафери: Некоректно е да се коментира познанство со обвинителот Абази