ноември 22, 2024

Четвртата рунда од Жане Моне во знакот на дискусиите за менување на работата на комисиите и отсуството на опозицијата

Во Собранието продолжија дискусиите во рамки на Жан Моне процесот за измена или носење на нов Деловник и тоа за усвојување на закони во редовна постапка и за работата на комисиите и можноста за одредени измени во нивната работа. Пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе ги добијат белешките од вчерашниот состанок, бидејќи не присуствуваа на него.

Ова е накусо сублиматот од вчерашниот состанок во Собранието, што го свика собранискиот претседател Талат Џафери, откако во Извештајот на ЕК, Парламентот беше повикан да ги продолжи разговорите и да ја одржи четвртата рунда разговори во рамките на Жан Моне процес, што се одржува со поддршка и помош од Европскиот парламент.

– Оваа работна група треба да работи во насока на постигнување на што е можно повеќе решенија за консензуално утврден Деловник, којшто би требало да се донесе на четвртиот Жан Моне дијалогот, којшто би се одржал во утврдениот формат со присуство на тројцата европратеници, изјави Џафери на прес-конференција по средбата.

Присутните ги разгледувале членовите од 132 до 166 од постоечкиот Деловник на Собранието и што во случаите кога работните тела нема во рок да ги завршат работите.

– Фактички беа разгледани членовите кои пропишуваат процедура за разгледување на предлог-закони во редовна постапка во прво и во второ читање и предлозите и размислувањата на тие што беа присутни беа во насока роковите кои се пропишани во дел од членовите од 132 до 166 да се допрецизираат во смисла во кој рок треба да завршат работите во работните тела и да има алтернатива, како исклучок во смисла што во случаите ако работните тела не ги завршуваат обврските во предвидените рокови во Деловникот, изјави Џафери.

Според него, според актуелната состојба работата на сегашните работни тела е поставена над надлежноста на пленумот.

– Што значи пленумот зависи од работата на работните тела и затоа во новите размислувања е идејата да се надмине ситуација доколку работно тело смислено одбива да ја врши работа, која што и е определена со Деловникот и мора да има алтернатива што и во која постапка Собранието како законодавно тело може да ја изврши својата функција, изјави Џафери.

На средбата на Работната група учествуваа претставници на сите пратенички групи освен на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и советниците, професорите Владо Поповски и Јетон Шасивари.

Џафери рече дека не ја знае причината зошто ВМРО-ДПМНЕ и Левица не присуствувале на денешната средба, но биле присутни дел од нивните асистенти и ќе им го пренесат тоа што било разговарано и дополнително ќе им бидат доставени белешки од состанокот.

– Она што го разговаравме денеска ќе им биде доставено како размислување и доколку сакаат да дадат свои размислувања ќе можат и на писмено. Не е идејата да се одбегне учеството на опозицијата. Суштината е што не се изјаснија за продолжение на состанокот откако по нивно барање беше одложено. Јас не можев да го оставам во недоглед дали ќе ме известат или не и затоа бев принуден да ја свикам денешната седница, рече претседателот на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески по средбата изјави дека во неговата партија постои и секогаш ќе постои волја за изработка на нов Деловник и за обезбедување функционално работење на Собранието.

Тој изјави не знае која е причината за неучеството на ВМРО-ДПМНЕ денешното продолжение на дијалогот од Жан Моне процесот, упатувајќи апел до пратениците од оваа партија да не дозволат уште еднаш да бидат причина за негативните извештаи на Европската комисија кои се однесуваат на Собранието.

– Фактички, после активната блокада, ова ќе биде втората работа за која што ќе бидат обвинети. Како што и претходно знаете и во Извештајот на Европската комисија, посебно во делот кој се однесува на Собранието, освен забелешките кои што беа директно упатени до опозицијата во делот на активната блокада која што ја спроведуваат во овој период, постоеше и укажување или насока за продолжување на Дијалогот Жан Моне во Собранието под покровителство на претседателот, рече Митрески.

Тој потсети дека и последните измени на овој Деловник во 2013 година и претходно во 2008 година, беа донесени без учество на тогашната опозиција во нивната изработка и упати повик до актуелната опозиција да се вклучи во процесот со цел сите заедно да донесат Деловник кој што ќе обезбеди функционално Собрание. Интенцијата, рече тој, треба да ни биде да има функционално Собрание, без разлика кој ќе биде власт, а кој опозиција.

– Успорено е функционирањето на Собранието, а посебно во вакви ситуации – криза, ковид последици, економска и енергетска криза, проблем со зголемување на цените на производите на основните производи… Ние мора да имаме функционално Собрание за побрзо да се движат работите во законодавниот дом. Зошто? Затоа што и за предлозите кои што доаѓаат и од пратеници, но и предлозите од Влада кои што се однесуваат за помош на граѓаните, имаме ситуација да се закажуваат подоцна и да доцнат и да навлегуваме во некакви рокови кои се веќе планирани со предлози на закони, за на крај да бидат неспроведливи, па да поднесуваме амандмани. Сето тоа е кочење во процедурата или помала функционалност, од што на крај штета имаат граѓаните и фирмите, рече Митрески.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, од своја страна, изјави дека тие не биле консултирани за точниот датум за одржување на продолжението на дијалогот во рамките на Жан Моне процесот. Тој демантираше дека ВМРО-ДПМНЕ го бојкотира Жан Моне процесот, нагласувајќи дека тие се најактивниот учесник во овој процес.

– Би сакал да демантирам одредени медиуми дека ВМРО-ДПМНЕ бојкотира. Апсолутно не, ВМРО-ДПМНЕ е најактивниот учесник во донесувањето односно работа на изгласување на новите измени на Деловникот кој што постои. Зошто власта го одбра токму денешниот ден кога веќе беше укажано и алармиравме дека имаме претходно закажани состаноци и средби не знам, но од она што го имам како информација за која што се зборувало на овој Жан Моне процес, е дека денеска се разговарало за одредени измени коишто би можеле да значат заобиколување на работата на работните тела, односно на комисиите, рече Мицевски.

Според него, начинот на којшто е одржан денеска Жан Моне процесот, без учество на најголемата опозициска партија, фрла сомнеж на кредибилноста на овој дијалог.

– Термините на заеднички средби треба да ги договараме заедно, додаде Мицевски, посочувајќи дека претходно кога беше закажано продолжението на 28 октомври, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ имал тридневен настан во Охрид на којшто тој присуствувал.

Тој нагласи дека целата е да се донесе Деловник за работата на Собранието, до тогаш има постоечки Деловник, што, како што оцени, не се почитува. Според него, злоупотребата на Деловникот доаѓа од човечкиот фактор и доколку се почитуваат процедурите и тие да бидат рецепроцитетни и за власта и за опозицијата, Собранието може да функционира.

– Ова не е Деловник кој што е надвор од функционалноста и се употребува долг низ години, но ако се сака да се употребува на начинот на кој што е напишан. Имаме од една страна, кога СДСМ барале ограничување на траење на седниците што има логика да има предвидливост и затоа е дадена можност на комисиите да се дискутира. Од она што се планира мислам дека е да се ограничат комисиите, рече Мицевски.

Работната група за учество во процесот Жан Моне е основана со одлука на Собранието и во неа се членови потпретседателите на Собранието, коордианторите и замениците координатори на пратеничките групи, претставницие на политичките партии застапени во Собранието што не се органзирани во пратенички групи, како и претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Првата работна средба на Дијалогот се одржаа на 1 март 2021 година, втората на 15 март 2021, а третата беше во форма на работен викенд во Маврово на 7 и 8 мај 2022 година. Вчерашната беше четврта средба на оваа работна група.

Read Previous

Нов обид за придвижување на македонско-бугарските односи, Османи предлага Законот за здруженија да оди во Венецијанската комисија

Read Next

Министерот Османи во посета на Литванија, Естонија и Летонија