ноември 25, 2024

Нов обид за придвижување на македонско-бугарските односи, Османи предлага Законот за здруженија да оди во Венецијанската комисија

Нов обид за придвижување на македонско-бугарските односи беше направен вчера во Софија, овој пат од министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Николај Милков. И двајцата министри забележаа дека односите се заладени изминатиот период. Македонскиот како причини ги наведе провокативните изјави од некои бугарски чинители во кои се содржани територијалните претензии кон Северна Македонија, како и задирањето во идентитетот, но и отворањето на клубови, надвор од рамката за добрососедство. Приватните клубови се проблем и за бугарската страна, а тука се и прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, но и неодамна усвоените измени на Законот за здруженија и фондации, за кои Османи вчера порача дека ќе и предложи на Владата да ги испрати во Венецијанската комисија, со цел таа да оцени дали во нив има нешто спорно.

И покрај навидум нерешливите прашања во моментов, сепак вчера од Софија пристигна и порака дека голем број позитивни работи се случуваат меѓу двете земји, кои некако се ставени во сенка поради наведените несогласувања, а како прва беше потенцирана зголемената трговска размена меѓу Северна Македонија и Бугарија, која се очекува до крајот на годината да достигне над една милијарда евра.

Османи на заедничката прес-конференција изјави дека ќе и препорача на Владата по неодамна усвоените измени да го испрати Законот за здруженија и фондации во Венецијанската комисија, со цел таа да утврди дали навистина во него има нешто спорно, како што тврди Софија.

Тој потсети дека во Собранието минатата недела беа донесени измените, чија цел била да се одговори во моментот, да се спречи евентуално саботирање на заедниците од страна на други чинители.

– Поради тоа што се оспорени одредени прашања во самиот Закон, јас ќе предложам, Владата да го прати во Венецијанската комисија, за таа да каже точно дали има нешто спорно во тој закон, нагласи Османи.

Без ниту еден глас против, ниту воздржани, пратениците и од власта и од опозицијата со 67 гласови „за“ минатата недела ги изгласаа измените на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ и на Законот за политички партии, поднесен од СДСМ, со кои се забранува здруженија и партии да носат фашистички имиња. Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.

Со измените на двата закони се предвидува отфрлување на фашизмот, нацизмот и националсоцијализмот во сите општествени форми на здружување. Со усвоените измени, сите досега формирани здруженија и фондации, како и политички партии, имаат рок од три месеци да се усогласат со новите законски измени.

На законот реагираше Софија, со став дека тој е всушност против бугарските здруженија, а освен предлогот за испраќање до Венецијанската комисија, Османи вчера исто така порача дека институциите и министерствата за надворешни работи треба да ја предводат соработката меѓу двете земји и оти не смее да се дозволи некој друг да ја води надворешната политика и во неа да наложува друг дневен ред.

Тој потенцира дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се вистинскиот начин на културна и општествена промоција, начинот на кој двете држави треба да комуницираат, да разменуваат култура и тоа да се прави во духот на добрососедството и пријателството.

– Ова особено го сметам за важно, бидејќи изминатиот период се злоупотребуваат теми преку манипулации со чувствата на граѓаните, се креираат непријатни настани, а крајната цел е да се киднапираат активностите на двете земји за унапредување на добрососедските односи. Тоа не е интерес ниту на Северна Македонија, ниту на Република Бугарија. Сакам да верувам дека заедно со Милков ќе сториме се за да не дозволиме други да ни ја водат надворешната политика, други да ни ги кројат билатералните односи, туку ние двајца, со дипломатите од министерствата да ја градиме европска иднина за сите наши граѓани, нагласи Османи.

На прашањето дали ќе биде отворен македонски културен клуб во Благоевград, Османи повтори дека институциите и министерствата за надворешни работи треба да ја навигираат билатералната соработка и дека културно-информативните центри во Скопје и Софија се начините на кои треба да се зајакнува соработката меѓу двете земји. Тој додаде дека сепак граѓаните имаат право на здружување по секоја основа, но тоа мора да биде во духот на пријателството, соработката и добрососедството.

Османи вчера говореше и за пораките кои пристигнуваат од некои бугарски чинители за територијални претензии кон земјава, но задируваат и во идентитетот на Македонците.

– Тоа е чувството дека некој ја предизвикува посебноста, идентитетот, го предизвикува јазикот. Доколку успееме ова да го тргнеме од дискурсот со Бугарија, а не можете да негирате дека не доаѓаат такви пораки од различни чинители од Република Бугарија и по однос на територијални претензии, на кои ние реагираме и во однос на идентитетот. Доколку успееме ова да го тргнеме на страна, граѓаните во Северна Македонија, Македонците да почувствуваат пријателство и топлина од страна на Република Бугарија во однос на овие прашања, верувајте дека ќе се отворат сите можности, целиот можен простор за соработка, за развој на работата на Историската комисија, во однос на имплементација на Договорот за соработка, рече Османи.

Неговиот бугарски колега, Милков пак порача дека Бугарија е заинтересирана да биде вратен позитивниот дневен ред во односите со Северна Македонија.

Милков нагласи дека е парадокс да се има една визија за развој на регионот и на билатералните односи, да се има механизам за решавање, односно Договорот за добрососедство од 2017 година и Протоколот, а во исто време да се појави една атмосфера, која не е позитивна за развојот на односите меѓу двете земји.

– И тоа планираме да ги надминеме со оваа посета со интензивирање на дијалогот меѓу двете министерства и двете држави, рече Милков.

Бугарија петта на листата земји со кои имаме највисока трговска размена

Бугарија е петта на листата држави со кои Северна Македонија има највисока трговска размена. Во периодот јануари – септември 2022 година, како што наведува ДЗС, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Османи и Милков вчера го потенцираа растот на трговската размена. За Милков тоа е преседан, првпат се случува толкав обем, кој се очекува до крајот на годината да достигне над една милијарда евра и тоа е показател за посветеноста за економската соработка и инвестициските активности. Османи појасни дека за интензитетот на трговските односи со Бугарија говори растот на трговската размена која за првите осум месеци од годинава веќе изнесувала над 710 милиони евра со тенденција да достигне над милијарда евра, што ќе биде 51 проценти зголемување во однос на 2020 година.

Економијата е сфера во која по се изгледа најдобро се разбираат Северна Македонија и Бугарија, но вчера беше посочено дека можност за зајакнување на соработката постои и во други сфери, како на пример здравството, културата… Изминатиот период се работи на заживување на проектите за инфраструктурно поврзување, што е предуслов за зголемување и на економската и на другите видови соработка. Минатиот месец премиерот на Бугарија беше во Северна Македонија, каде почнаа работите за железничката врска до Деве Баир.

Османи вчера посочи дека во наредниот период мора да се посвети максимално внимание на поставените приоритети за целосното инфраструктурното поврзување на Коридорот 8. Според Османи, за инфраструктурните проекти во изминатиот период немало доволно политичка волја и не е оправдување тврдењето за тешката географија. Поставените приоритети за поврзување, според него, сега веќе се гледаат на дело со  работата на железницата, останатите планови во патната инфраструктура, договорот за гасното поврзување.

За неколку недели или месеци се очекува да почне и автопатското решение, кое што ќе го поврзе Скопје со границата со Албанија, исто така и железничкиот коридор до Албанија. Османи истакна дека е особено задоволен што премиерите на двете држави неодамна заеднички го означија стартот на градбата на железничкиот Коридор 8, како и дека е успех неодамна потпишаниот договор со кој се овозможува од 1 јануари следната година преку Бугарија нашата држава да се снабдува со гас од повеќе извори.

Во однос на плановите на државава да купува струја од Бугарија, Милков, пак рече дека неговата земја работела многу активно на различни нивоа со Европската комисија.

– Работевме напорно енергетскиот пакет за Западен Балкан да не вклучува само краткорочни и долгорочни мерки за зелена транзиција и енергетска ефиканост, туку и за пакет финансиски средства, кои ќе ја покријат потребата на земјите од регионот во текот на зимскиот период. Република Северна Македонија има дел од таа помош за која скромно се надеваме дека сме помогнале, посочи Милков.

Османи и Милков на средбата договориле следниот месец да организираат заеднички бизнис форум во Скопје, на кој ќе ги спојат бизнисите од двете држави со надлежни институции за дополнително да се идентификуваат предизвиците и потенцијалите за уште поголема соработка.

Read Previous

Бочварски: Овозможуваме пристоен дом за 47 социјални семејства од Дебар

Read Next

Четвртата рунда од Жане Моне во знакот на дискусиите за менување на работата на комисиите и отсуството на опозицијата