ноември 23, 2024

Дискусија за улогата на Парламентите во имплементација на Агендата 2030

Пратеници, претставници на ГО, на ГИЗ и на различни институции и граѓански организации од Србија, Косово, Белорусија, Киргистан, Грузија и Молдавија денеска во Собранието ќе одржат дискусија за улогата на Парламентите во имплементација на Агендата 2030.

Како што е најавено, воведни обраќања ќе имаат спикерот Талат Џафери, претседател на Собранието и директорот на ГИЗ во Северна Македонија, Давид Оберхубер, а потоа претседавачот на ИППГ за лица со попреченост Јован Митрески и пратеникот Никола Мицевски ќе зборуваат за улогата на парламентите во промовирањето и усвојувањето на политиките и законодавството што го овозможуваат и забрзуваат принципот „Никого не оставај зад себе“ од Агендата 2030 година.

За предизвици и можности на парламентите за поттикнување партнерства за одржлив развој ќе зборува Фитим Мулоли, експерт на УНДЦ/УНДП за парламентарни и ЦОР партнерства, испратен во Собранието на Косово.

Во онлајн обраќање Александра Благојевиќ, програмски менаџер за меѓународен развој, Интерпарламентарна унија ќе зборува за нови парламентарни практики на ЦОР: успешни приказни, практични алатки и клучни методи на парламентите за поддршка на постигнувањето на ЦОР.

Како што е најавено на веб-страницата на Собранието, во текот на денот ќе има и групна дискусија за улогата на парламентите во ЦОР, а ќе се зборува и за партиципативни пристапи за подготовка на Доброволниот национален преглед: искуство на Северна Македонија, како и за партиципативни пристапи за подготовка на Доброволниот национален преглед: искуството на Молдавија.

Read Previous

Научно-стручна дебата за јавната и приватната безбедност

Read Next

Меѓународна конференција „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“