ноември 23, 2024

Научно-стручна дебата за јавната и приватната безбедност

Научно-стручна дебата на тема „Јавната и приватната безбедност-преку координација и соработка до заедничка превензија на безбедносните ризици и закани“ ќе се одржи денеска на Филозофскиот факултет во Скопје во коорганизација со Комората за приватно обезбедување.

Како што најави Филозофскиот факултет, дебатата ќе ја отвори министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а свое обраќање ќе имаат и деканот на Факултетот Ратко Дуев и претседателката на Комората Верица Милеска Стефанова.

Свое излагање во дебатата ќе имаат и директорот на Бирото за јавна безбедност на МВР Сашо Тасевски, продеканот на Факултетот Оливер Бакрески,  деканот на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево Јасмин Ахиќ и генералниот секретар на Комората Сања Керметчиева.

– Координацијата е сериозен предизвик за безбедносниот сектор во една држава и клучното прашање што се поставува не е прашањето: „Дали е потребна координација и соработка?“, што секако дека е важно прашање, туку прашањето: „Како се остварува потребната координација?“ Анализирањето на прашањето за координацијата особено е комплексна и е тешка работа, бидејќи се одликува со голема сложеност и специфичност за што ќе се говори на утрешната дебата на Филозофскиот факултет, се вели во соопштението.

Дебатата, како што додаваат од Факултетот, ќе претставува и промоција на книгата „Јавната и приватната безбедност – координација и соработка“ која е резултат на истражувачката студија што содржи резултати од истражувачкиот проект што го поддржа Комората за приватно обезбедување, а го реализираше тим од Филозофскиот факултет-Скопје во состав Оливер Бакрески, Марјан Ѓуровски и Лета Барџиева Миовска, кои се автори на книгата.

– Потребата од соработка и од координација на безбедносниот сектор е повеќе од важна и особено е изразена при справување со безбедносни ситуации, вклучувајќи ги и аспектите поврзани со здравствената криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19 од аспект на правилно, одговорно и легитимно работење, како и работа според специфични здраствени протоколи, додаваат од Факултетот.

Read Previous

Северна Македонија со 15 претставници на Тера Мадре Салоне дел Густо во Торино

Read Next

Дискусија за улогата на Парламентите во имплементација на Агендата 2030