Седумнаесеттата годишна меѓународна конференција за нови идеи на тема „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“ ќе се одржи денеска во организација на Универзитет Американ Колеџ Скопје (УАКС) во соработка со УНХЦР во Северна Македонија. Настанот ќе се одржи во Министерството за надворешни работи.
На отворањето на конференцијата, како што соопшти УАКС, свое обраќање ќе има претставник од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, како и претставник на УНХЦР. Главен говорник на конференцијата е проф. Едвард П. Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при Универзитетот Џонс Хопкинс (Johns Hopkins School of Advanced International Studies) од САД.
На конференцијата ќе присуствува и проф. д-р Џереми Крипс од САД, кој ќе им ја врачи почесната титула Professor Honoris Causa на истакнатите професори на УАКС: Роберт Хадсон од Универзитетот Дарби во Велика Британија и Лука Њан од Универзитетот „Тор Вергата“ од Рим, Италија.
На конференцијата „Редефинирани приоритети: нови реалности по украинската криза“ учество ќе земат и дваесетина научници и истражувачи од повеќе земји, кои ќе изложат реферати на теми од областа на политичките науки, бизнисот, економијата, претприемништвото, како и за општествени и политички прашања поврзани со кризата во Украина. Се очекува и присуство на видни професори и научници од земјата и од странство, амбасадори и претставници од граѓанскиот сектор.