Здружението за помош на заболени од хронична миелоидна леукемија (ХМЛ) – Македонија и Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели (ХЕМА), како полноправни членки на глобалната мрежа на пациентски организации за хронична миелоидна леукемија CML Advocates Network, и оваа година го одбележуваат 22 септември, Светскиот ден на ХМЛ.
Настанот, како што соопштија од ХЕМА, настанот за одбележување на светскиот ден на ХМЛ ќе се одржи денеска во амфитеатарот во деканатот на Медицински факултет во Скопје.
– Хронична миелоидна леукемија (ХМЛ) претставува бавно прогресирачка болест на коскената срцевина и крвта, каде што голем број на крвни матични клетки (бласти) преминуваат во бели крвни клетки наречени гранулоцити, кои се абнормални односно леукемични. ХМЛ се јавува кај сите старосни групи, но најчесто кај средовечни и постари лица.Оваа болест опфаќа околу 15-20 посто од сите случаи на леукемија. Инциденцата е 1-2 на 100.000 лица и повеќе заболуваат мажи отколку жени. Симптомите на хронична миелоидна леукемија често се нејасни и вклучуваат: слабост, замор, ноќно потење, губење на тежината, треска, болки во коските, зголемена слезина, болка или чувство на ,,надуеност” во стомакот. Согласно податоците од ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија, во Македонија има 164 пациенти со ХМЛ кои се третирани на клиниката, се вели во соопштението.