Србија го поддржува територијалниот интегритет на сите земји-членки на Обединетите нации, вклучително и Украина, и ќе продолжи да се залага за доследно почитување на принципот на неповредливост на границите, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во својот говор на 77. седница на Генералното собрание на Обединетите нации, јави дописникот на МИА од Белград.
-Од многу говорници слушнавме приказни за агресија и нарушување на територијалниот интегритет на Украина, многумина велат дека тоа е прв конфликт на европско тло по Втората светска војна. Но, вистината е дека првпат е нарушен интегритетот на една европска земја, и тоа на Србија, која немаше извршено напад на ниедна суверена држава и тоа се премолчува, рече Вучиќ и додаде дека не слушнал рационален одговор на прашањето „која е разликата меѓу суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија“ кој е нарушен.
Вучиќ оцени дека годинашната Генерална дебата се одвива во услови на нарушен светски мир од размери што не се забележани од Втората светска војна и од основањето на ОН.
-Глобалните предизвици со кои се соочуваме се закануваат суштински да ја променат меѓународната безбедносна архитектура и да го загрозат воспоставениот меѓународен правен поредок. Ваквите сложени времиња бараат многу мудрост и единство за да се зачува мирот како апсолутно најважно богатство вткаено во самите основи на организацијата на Обединетите нации, рече Вучиќ.
Во своето обраќање на Генералното собрание на ОН, Вучиќ зборуваше за пет принципи, а тоа се враќање на мирот и зачувување на глобалната стабилност, зачувување на територијалниот интегритет и суверенитет на меѓународно признаените земји членки на ОН, енергетиката и финансиската безбедност и снабдувањето со храна.
Вучиќ при своето излагање ги критикуваше земјите кои ја признаа независноста на Косово, обвинувајќи ги за нарушување на територијалниот интегритет на Србија и кршење на Повелбата на ОН. Тој исто така обвини дел од меѓународната заедница за „хибридна војна и валкана кампања“ додека трае процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, а некои светски медиуми да „шират лаги“ дека Србија ќе ги нападне соседите и дека тоа претставува закана за регионалната стабилност.
Вучиќ нагласи дека Белград ќе ги продолжи разговорите со Приштина под покровителство на ЕУ, „бидејќи подобро е да се преговара 100 години отколку еден ден да се води војна“.
-Се надевам дека ќе дојдеме до заемно прифатливо решение, засновано на компромис, бидејќи тоа е единствениот начин да се воспостави траен мир и просперитет и за Србите и за Албанците, како и за целиот регион, рече Вучиќ.
Тој истакна дека е потребно трезвено и прагматично да се зборува за нашата иднина, а не за нашето минато, да се зборува како да се решат проблемите што ги мачат нашиот народ, нашите компании, работниците, студентите и претприемачите.
-Дискутиравме многу и дојдовме до голем број решенија кои веќе ги отстранија бариерите што постоеја меѓу нас без никаква рационална причина. Пред сè во економијата, трговијата и протокот на луѓе и капитал. Веќе три години Србија, Албанија и Северна Македонија го спроведуваат проектот „Отворен Балкан“, кој има јасна идеја – да се отвори регионот за луѓе, за стоки, услуги, за капитал и компании, за да се добие простор кој трајно ќе биде без тензии, напнатост и конфликти, истакна тој.
Како што кажа, покрај несомнената заедничка економска придобивка што ја носи оваа иницијатива, таа има и поширока димензија, пред сè во зближувањето на луѓето од различни култури и промовирањето на различностите, што секако придонесува за општиот развој на општествата во овој дел на Европа.
Според Вучиќ, Србија на овој начин продолжува да придонесува за мирот, стабилноста и процесот на помирување во регионот и со тоа секако дава значаен придонес за безбедноста на глобално ниво.
-Ваквите сложени времиња бараат многу мудрост и единство за да се зачува мирот, порача Вучиќ во својот говор на 77. седница на Генералното собрание на ОН.