ноември 22, 2024

Дембеле тврди дека не сакал да ја напушти Барселона

Фудбалерот на Барселона, Усман Дембеле изјави дека никогаш не сакал да го напушти клубот и додаде дека има добра соработка со тренерот Чави Ернандез. Се шпекулираше дека Дембеле сака да го напушти „Камп Ноу“, а преговорите за нов договор траеја повеќе од шест месеци.

Исто така, претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, во текот на летото изјави дека францускиот фудбалер потпишал преддоговор со еден клуб.

Дембеле на крајот договори двегодишна соработка со Барселона во средината на јули. Со новиот договор тој се согласи неговата плата да биде намалена за 40 отсто.

„Тоа не се случи (преддоговор со друг клуб), јас само преговарав само со Барса. Му кажав на мојот менаџер дека ја сакам Барса и на крајот сите бевме задоволни“, изјави Дембеле за „Мундо Депортиво“.

Тој изјави и дека е задоволен од соработката со тренерот Чави.

“Откако дојде Чави ги доживеав најубавите моменти во Барса. Мене и другите крилни играчи ни одговара неговиот начин на игра. Односот со Чави е многу добар, тој секогаш ми ја кажува вистината, ме поддржува и јас сум среќен“, изјави Дембеле.

Дембеле е стандарден оваа сезона и беше стартер на сите четири натпревари во Примера, постигна гол против Реал Сосиедад и имаше четири асистенции.

Read Previous

Обединети во слободата- Ова е годинешното мото за прославата на 8-ми септември, Денот на независноста

Read Next

Родители и ученици на протест во Тетово, бараат да се вратат наставниците кои беа отпуштени