ноември 24, 2024

Потпретседателот на АА, Таравари бара формирање техничка влада

Потпретседателот на политичката партија Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар во последниот осврт, објавен на неговиот фејсбук профил, за надминување на состојбата во земјава, бара итно формирање техничка влада.

– Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора, техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од врата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните, пишува Таравари.

Тој во оценката каде е потребна стручна интервенција како жаришта ги посочува корупцијата, невработеноста, образованието, здравството и администрацијата.

Таравари оценува дека сме мали во географска смисла, но „гиганти“ во однос на корупцијата.

– Економијата ќе земе здрав здив само ако соодветно се „таргетираат“ овие пет невралгични точки, бидејќи на Македонија не ѝ недостигаат пари туку транспарентност. Парите на народот одат на сметка на една мала група, па така градовите имаат по 4-5 газди, а останатите се слуги или непријатели на дворот, коментира Таравари.

Според него, техничка влада ќе мора како приоритет за излез од кризата на историските дилеми да работи на усогласување на владиниот и ЕУ – календарот и во неа да членуваат експерти од нивните области без политички врски.

– Токму во такво „руво“ Владата би дала пример за сите други, идни влади, работејќи и не очекувајќи пофалби и комплименти, туку успешно завршувајќи ги своите задачи. Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти, заклучува Таравари.

Read Previous

Бесими: И да не отворевме дебата за даночните реформи, има закони кои стапуваат во сила од 1 јануари

Read Next

Северна Кореја истрела два крстосувачки ракети