На ден до крајот на француското претседателство, рамно на чудо е очекувањето на некаков евентуален договор за разликите помеѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на предлогот на Франција за тргање на ветото и деблокада на евроинтеграциите на земјава, но тоа е одговорност на политичкото раководство, изјави директорката на Институтот за европски полотики – ЕПИ, Симонида Кацарска.
– Мене ми е многу тешко да видам дека за еден ден ќе може да направиме клучен пробив во однос на она што го нарековте „пеглање“ на разликите поради документите коишто беа усвоени во бугарското Собрание и нашите црвени линии. Очекувам дека чешкото претседателство ќе го преземе ова доколку не видиме некое чудо до утре, меѓутоа веројатно со смален интензитет од она што работеше француското претседателство. Кај Чешка мислам дека примарниот фокус е Украина, како што знаеме, веројатно и Самитот којшто требаше да биде за Западниот Балкан од она што се последни најави е дека истиот ќе биде за Украина, изјави Кацарска.
Таа смета земјава мора да работи со државите членки коишто не поддржуваат.
– Реформските аспекти не смеат да паднат во нивното значење што ќе биде многу тешко, меѓутоа секако тоа е одговорност на политичките актери коишто би ја донеле одлуката да ги започнат преговорите во овие или оние услови, смета Кацарска прашана за очекувањата за некаков евентуален договор и „пеглање“ на разликите помеѓу Македонија и Бугарија апропо бугарскиот предлог што помина кај нив во Собрание, којшто се коси со македонските црвени линии и што се очекува доколку нема договор до утре.
Франција утре го завршува шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. Од 1 јули со ЕУ ќе претседава Чешката Република. Порано овој месец, Владата во Прага ги соопшти прироритетите на своето претседавање во кои не е наведено проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.