ноември 22, 2024

Прилепчанец осомничен за обид за убиство на поранешната сопруга

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 47-годишен осомничен за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (обид) од Кривичниот законик.

Постои основано сомнение дека тој на 20 јуни, при вршење семејно насилство, во куќа на улицата „Дабничка“ во Прилеп, со умисла се обидел да ја лиши од живот неговата поранешна сопруга. Утрото на критичниот ден, тој дошол во куќата во која живеела оштетената, се качил во собата каде што спиела и најпрвин започнал да ја дави со рацете околу вратот и да ја удира со тупаници по главата и по телото. Во тој момент пристигнала нејзината мајка која се обидела да го оттргне, но осомничениот ја турнал. Од појасот извадил нож и на поранешната сопруга и нанел неколку убодни рани во телото и ногата. Потоа бил совладан од тројца соседи кои го изнеле од куќата и го спречиле да ја оствари намерата.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоците и оштетените или да го реализира обиденото кривично дело. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​​

Read Previous

ВМРО-ДПМНЕ: Коалициските партнери на СДСМ и ДУИ во Владата да го отфрлаат предлогот од Париз

Read Next

СДСМ: Затворена е темата за избори до 2024 година, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го преиспитаат однесувањето