Првиот човек на РКЕ Марко Бислимовски одговарајќи на новинарско прашање изјави дека поскапувањето на горивата кај нас, освен со цената на нафтата на берзите се врзува и со курсот на доларот. Тој вели дека експертите за Ковид станале експерти за горива и енергетика, па им даде совети.
„Вредноста на доларот отиде над 59 денари и такви квазиексперти кои кажуваат колку била цената на нафтата пред 5-6-7-8 години ја кажуваат само таа работа, ама не кажуваат дека доларот тогаш бил 40 денари. Сега е особено популарно да се шпекулира, експертите за ковид сега станаа и експерти за енергетика, за цени на светски берзи и се обидуваат да протнат за краткорочна употреба лажни вести сè со цел да предизвикаат внимание. Сериозен проблем во изминатата недела ни претставува и курсот на доларот, кој прави притисок и од 57 порасна на 59 денари. Би сакал РКЕ да носи само цени за намалување, но реалноста е сосема спротивна од моите желби“, изјави Бислимоски на денешната прес-конференција за одземање на лиценцата на БЕГ производство.