Основата на сите случувања во бугарската политика во последните денови е разговорот за енергијата, изјави аналитичарот Владимир Владимиров за вечерашната Топ Тема на Телма. Според него, владата на Петков е првата влада во Бугарија која обезбедила енергетска независност на Бугарија од Русија или Советскиот сојуз во последните 70, 80 години.
„Русија има огромно влијание на бугарската политика од крајот на втората светска војна па сѐ до денес и тоа мислам за луѓето што ја следат нашата политика, не е ниту чудно ниту туѓо. Партијата на Слави Трифонов или таа што постоеше до денес, бидејќи денеска мислам дека ќе биде крајот на овој политички проект, од самиот почеток на влегувањето во бугарската влада, таа имаше неколку услови. Најбитно е да кажеме кои министерства и сектори тие ги сакаа за влез во владата. Тоа беа министерството за регионален развој, потоа за надворешни работи и за енергетика. Трите клучни министерства. За надворешни работи заради Македонија, а во другите две се концентрирани огромни суми на пари од бугарските даночни обврзници и од Европската Унија. Учеството во владата на Трифонов не беше случајно“ – вели Владимиров.