ноември 23, 2024

Стојаноски: Власта на СДСМ и ДУИ доведе до поскапување на струјата за 30%, предвремени парламентарни избори се неопходни

Во текот на месец јуни, во Собранието ќе се разгледува Ребалансот на Буџетот за 2022 година. Двоецот Бесими – Ковачевски, пред само 6 месеци во ова Собрание не убедуваа дека Буџетот за 2022 година е направен за да одговори на кризите со кои се соочува државата и дека ќе има рекордно ниво на капитални расходи, кои ќе го надминат буџетскиот дефицит. За потсетување, уште во ноември државниот врв бил информиран дека Русија ќе ја нападне Украина, а уште од летото 2021 знаеја дека цената на електричната енергија ќе расте. За само шест месеци, двоецот Бесими – Ковачевски, призна дека во Буџетот имале испланирано 200 милиони евра непродуктивни трошоци, кои сега ги кратат, изјави денеска за медиумите Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсети дека од почетокот на пандемијата во 2020 година, Македонија е постојано во криза, донесени се два ребаланси во 2020 година, Буџет и Ребаланс за 2021 година и Буџет за 2022 година.

– Тоа значи 5 Буџета во период од две години и секогаш велат дека непродуктивните трошоци ги кратат за стотина милиони евра. Ребалансот на Буџетот за 2022 година, сеуште не е достапен на пратениците, но и на пошироката јавност, но од пресот на министерот за финансии можеме да заклучиме дека повторно се кратат капиталните расходи т.е. развојниот дел на еден Буџет. Уште при носењето на Буџетот им рековме дека немаат капацитет и знаење за реализација, па затоа бројките велат дека за 4 месеци имаат реализирано едвај 100 милиони евра односно 16,3% од планираното. Наместо процентот на реализација да надминува 30%, тие имаат едвај 16% реализација. Нема развој, без инвестиции, тоа го знае секој. Во исто време власта предводена од СДСМ по којзнае кој пат буџетскиот дефицит го проектира да е поголем од капиталните расходи, со што паѓаат во вода сите изјави на министерот Фатмир Бесими за почитување на златното правило “капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит”. Со овој Ребаланс доаѓаат и новите проекции на Министерството за финансии за оваа година, според кои инфлацијата се очекува да е околу 7%, а растот да е 3,2% наспроти првично предвидените 4,6%. Тоа е намалување на проекцијата за раст за повеќе од 25%.
Што се однесува пак на проекцијата дека инфлација дека ќе биде 7,2% би изјавил дека граѓаните најдобро знаат дали цените што ги плаќаат се покачени само за 7% или таа стапка е двоцифрена, појасни пратеникот.

Стојаноски предупреди и дека лошото менаџирање со енергетските капацитети од страна на власта доведе до покачување на цената на струјата за 30тина проценти во последните 3 години, а веќе на лето вели тој дека се очекува и ново покачување кое може да биде повторно двоцифрено.

– Владата на СДСМ и ДУИ мора да си замине час поскоро. Колку подолго се на власт, толку поблиску сме до банкрот. Јавниот долг се очекува да ги пробие сите можни граници, и таа од 8 милијарди евра и таа од 65% од БДП. Генерации и генерации ќе треба да ја плаќаат неспособноста, незнаењето, но пред се криминалот и корупцијата на оваа Влада.Предвремени парламентарни избори час поскоро се неопходни за доброто на Република Македонија, додаде пратеникот.

Read Previous

Бајден се закани: САД воено ќе интервенира во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Read Next

Белгија е првата земја што воведе карантин поради мајмунски сипаници