ноември 22, 2024

Бугарски универзитет и три приватни македонски универзитети потпишаа меморандуми за соработка

Високата школа за осигурување и финансии од Бугарија потпиша меморандуми за соработка со приватните универзитети во Северна Македонија – Универзитетот АУЕ-ФОН, Скопје, Универзитет Американ Колеџ, Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа, Тетово.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, меморандумите меѓу универзитетите даваат можности за академска соработка, изработка на заеднички наставни програми преку кои студентите од Северна Македонија и Бугарија ќе можат да добијат двојни дипломи.

Соработката ќе обезбеди и нови регионални можности за стекнување докторски, магистерски и дипломски студии по економија, бизнис и претприемништво.

Во текот на разговорите меѓу ректорот на Вишата школа за осигурување и финансии проф. Борис Велчев и ректорите на трите универзитети во Република Северна Македонија биле разгледани можностите за проширување на академската размена на студенти и наставници меѓу двете земји.

Тие се договорија да работат на примена на практиката на студентска мобилност за студирање во странство и да вршат блиска размена на научни материјали, публикации и информации во интерес на студентите.

Со потпишувањето на меморандумите, Високата школа за осигурување и финансии продолжува со напорите за континуирано проширување на својата меѓународна мрежа на партнери меѓу универзитетите во Европа и регионот, нудејќи им на своите студенти постојано модернизирање современ образовен процес, размена на искуства и имплементација на иновативни пристапи и практики во образованието, обуки и на работа.

Дописникот на МИА потсетува дека Вишата школа за осигурување и финансии е првиот бугарски приватен универзитет специјализиран во областа на бизнисот, финансиите, осигурувањето, менаџментот, маркетингот и претприемништвото.

Read Previous

Заев за грчки „Ајидисис“: Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди

Read Next

СОНК бара прифатлив предлог за платите, Владата отворена за безусловен дијалог