Советот за надворешни работи на Европската унија на денешниот состанок ќе расправа за најновите случувања во врска со руската агресија врз Украина. Министрите за надворешни работи на ЕУ би требало да разговараат за шести круг санкции кон Москва, но блокот останува поделен околу забраната за увоз на руски гас и нафта.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Киев во петокот рече дека ЕУ сега е ангажирана во „воведување санкции“ против Русија за сѐ посилно казнување на претседателот Владимир Путин заради неговата одлука да изврши инвазија на неговиот прозападен сосед.
Иако санкциите што најмногу ќе ѝ наштетат на Русија – бојкотот на ЕУ за нејзиниот извоз на нафта и гас – не се формално на маса, дипломатите на Европската унија признаваат дека има дискусии за нив.