Повеќе од 10 милиони Украинци ги напуштија своите домови од почетокот на војната, вклучително и повеќе од половина од детската популација во Украина, соопштија ОН.
Од нив, 6,5 милиони луѓе се раселени во Украина, а 3,9 милиони избегале во соседните земји, изјави заменик-координаторот на ОН за хуманитарни прашања Џојс Мсуја.
Мсуја вели дека хуманитарната помош се зголемува секој ден и оти повеќе од 1.230 вработени во ОН работат со 100 хуманитарни организации низ Украина.
– Украина е хуманитарен парадокс: рамо до рамо со екстремното насилство, гледаме екстремна љубезност, длабока солидарност и грижа, рече Мсуја, опишувајќи ја хуманитарната ситуација на терен. Таа наведе дека првиот конвој на ОН пристигнал во Суми на 18 март, доставувајќи 130 тони медицински материјали, вода, готови оброци и конзервирана храна на 35.000 луѓе. Вториот конвој на ОН пристигна во Харков во понеделникот.
– За да обезбедиме поголема хуманитарна поддршка, потребен ни е детален, реален договор за хуманитарни прекини на огнот и паузи за да се овозможи помошта да влезе и луѓето да заминат, рече таа и додаде дека „ситуацијата во Украина е плодна почва за трговците со луѓе и предатори кои ја користат можноста што ја дава нестабилноста поради војната“.
– Хуманитарните организации се загрижени за ризикот од трговија со луѓе, како и за сексуалното насилство, експлоатација и злоупотреба во Украина и во регионот. Предаторите ги мамат самохраните родители со ветувања за превоз и сместување, нагласи таа. ОН соопштија дека ги зголемуваат услугите за заштита на Украинците кои бегаат од земјата и во земјата. Тие им обезбедуваат достапни информации за безбедни опции и рути, пристап до линии за помош и безбедно засолниште.