Министрите за здравство на ЕУ денеска изјавија дека сакаат подобро да ги координираат различните национални политики за четврта доза вакцина против коронавирусот и побараа од извршната власт во Брисел да претстави план следната недела.
– Денес гледаме земји кои отворија процедура за четврта доза за лица над 75 години, други за над 80 години, како што е случајот со Франција, додека Холандија ги вакцинира луѓето над 60 години со втор бустер, рече Оливие Веран, министерот за здравство на Франција, која во моментов претседава со Унијата.
– Други сè уште не започнале, така што ова покренува легитимни прашања, рече Веран.
Тој информира дека министрите побарале од Европската комисија да се координира со 27-те земји-членки, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) и Европската агенција за лекови (ЕМА) за да се утврди заеднички став.
– Пандемијата Ковид-19, се разбира, сè уште е со нас. Вакцинацијата е исто толку важна денес како и пред неколку месеци, рече еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.
– За жал, гледаме пад на вакцинациите во исто време со укинување на ограничувањата, и тоа е разбирливо, рече таа.
Киријакидес рече дека сè уште има повеќе од 100 милиони невакцинирани или само делумно вакцинирани луѓе во Европа. – Вакцинирањето останува наше најдобро средство во борбата против пандемијата и мора да бидеме подготвени за есенските и зимските месеци, додаде таа.