Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, пред почетокот на вонредниот НАТО самит изјави дека Алијансата е обединета и дека ќе се разговара зајакнување на источниот дел на Сојузот денес, јави дописничката на МИА од Брисел.
-Сите НАТО сојузници се обединети, ќе ја пружаме нашата поддршка до сите слободни луѓе во Украина, ќе останеме обединети и Северна Македонија како земја членка веќе е усогласена со надворешната политика на ЕУ, а ги усогласи и сите свои одлуки со членки на НАТО и ЕУ за да се одврати Путиновата Русија од напад врз Украина, веруваме дека мирно решение е единствениот пат, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека Северна Македонија е подготвена да ги прими сите бегалци кои што ќе дојдат во Северна Македонија.
На дневен ред на шефовите на држави и влади во НАТО денеска ќе се разговара зајакнувањето на источниот дел на Алијансата. Како што најави генералниот секретар Јенс Столтенберг вчера, се очекува денеска да се донесе одлука за испраќање дополнителни борбени трупи во четири источноевропски земји. Се очекуваат и разговори за дополнително зголемување на буџетот за одбрана на земјите членки на НАТО, кои истовремено се соочуваат со драстичен раст на цените на енергијата и секојдневните основни производи.