Комисијата за заразни болести вчера предложи учениците од основните училишта да бидат ослободени од носењето маски, а капацитетот на исполнетост на затворени објекти – опери, театри, кина да се зголеми од 50 на 75 проценти. Ова доаѓа како резултат на намалување на бројот на новозаболени од КОВИД-19 во државата, а во меѓувреме надлежните остануваат посветени на апелот за вакцинацијата.
Уште една предлог мерка од Комисијата е и укинување на сертификатите за престој во отворениот дел од угостителските објекти. Овие предлог мерки Комисијата ќе ги препорача на Главниот кризен штаб, а потоа на усвојување од Владата.
Обврската за носење маска во училиштата останува на наставниците, професорите и техничкиот персонал.
Претседателот на Комисијата, Александар Петличковски вчера напомена дека на учениците не им е забрането носењето маски во училиштата, доколку сметаат дека треба да ги носат.
– Право на избор е. Ако некој сака да носи маска, има дома возрасни членови на семејството и сака да ги заштити, не е забрането да носи маска, но задолжението, обврската ја укинуваме. Нема обврска за задолжително носење на маски во училиште, појасни Петличковски.
Мерките ќе се олабавуваат или заоструваат во зависност од епидемиолошката состојба.
Доколку се увиди влошување на епидемиолошката состојба или зголемување на епидемиолошкиот ризик, тогаш може повторно на сила да се вратат истите мерки, посочи портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ
-На ваков начин, постепено олабавувајќи ги мерките согласно епидемиолошкиот ризик, доколку успееме да ја контролираме на терен епидемиолошката состојба, сметаме дека можеме не се доведеме во ситуација како што се доведоа земјите како што се Австрија, Германија, Велика Британија и Данска каде што имаше нагло зголемување на бројот на новозаразени, на хоспитализации и на починати, истакна Мехмедовиќ.
Надлежните остануваат апсолутно посветени на рекламирање на вакцинацијата, како најдобар начин за справување со пандемијата.
Според Петличковски, вакцинацијата останува клучната алатка во борба против пандемијата.
– Ние не знаеме што ќе се случи по месец дена, не па по два или три месеци, а во ова меѓувреме вакцинацијата останува клучната алатка во борба против пандемијата. Имавме малку интензивирање, праќање пораки и тоа многу ќе го засилиме затоа што има резултат, има одговор на рекламирањето, на потсетувањето дека е добро да се вакцинираат прво тие со поголем ризик, но понатаму и оние кои примиле две дози, а поминале доста време од втората доза. Во моментот стандард за најдобра заштита е три дози на вакцина и тоа интензивно, интензивно ќе го објаснуваме, потенцира Петличковски.
Инаку, според последните бројки со кои располага Министерството за здравство, во земјава се евидентирани нови 328 случаи на КОВИД-19, од направени 2535 тестови. Пријавени се вкупно четири починати лица од кои едно во изминатите 24 часа, а останатите во периодот од 9 март до 12 март преку Регистарот на умрени лица од КОВИД-19. Бројот на активни случаи во моментот во земјава изнесува 1.921.
Од почетокот на пандемијата, вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава изнесува 302.224. Оздравени се 291.144 пациенти, а битката со вирусот ја изгубиле 9.159 лица.
Во однос на состојбата со КОВИД-19 во светот, Министерството за здравство во Израл вчера соопшти дека во земјата се откриени два случаи на зараза со досега непознат сој на коронавирусот.
Новиот сој е комбинација на доминантната омикрон подсој БA.1 и друг подсој БA.2, кој предизвикува благи симптоми, без покачена телесна температура, со болки во мускулите и главоболки и не бара посебен третман.
Според израелското Министерство за здравство, овој сој сè уште не е познат во светот, а откриен е со ПЦР тестирање на патниците на меѓународниот аеродром Бен Гурион, Тел Авив.
Од почетокот на пандемијата во Израел починале 10.401 лице.
Пакистан пак, вчера ги укина сите ограничувања поврзани со коронавирусот, враќајќи го животот во земјата во предпандемиската нормалност. Одлуката следува откако бројот на КОВИД-19 случаи опаѓаше веќе некое време.
– Одлучивме да ги укинеме сите рестрикции, изјави министерот задолжен за одговори околу коронавирусот во земјата, Асад Умар.
Тој додаде дека, сепак, сите граѓани, кои ги исполнувале условите, биле советувани да се вакцинираат.
Во оваа држава, најмалку четири смртни случаи и 493 нови случаи со КОВИД-19 се евидентирани во последните 24 часа, според Министерството за здравство. Досега, земјата регистрираше вкупно 1.520.120 заразени и 30.317 смртни случаи поврзани со коронавирусот.
Пакистан, со население од 220 милиони жители, има администрирано повеќе од 219 милиони дози вакцини, над 101 милион се целосно вакцинирани, откако започна имунизацијата во февруари, 2021 година.
Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) регистрираше повторно раст на заразените со КОВИД-19 во светот.
Од СЗО вчера соопштија дека неделниот број на заразени со КОВИД-19 во светот, порасна за првпат, од крајот на јануари.
Во втората недела од март, бројот на новозаразени е за осум отсто поголем, отколку во претходната седмица. Oд 7 до 13 март, евидентирани се над 11 милиони нови случаи на КОВИД-19 и 43.000 смртни случаи од, или со, коронавирус. Порастот во споредба со претходната недела, посебно се забележува во регионите на Западниот Пацифик – 29 отсто, како и на Африка – 12 проценти. Во Европа пак, забележан е седмичен пораст од два отсто. Бројот на случаи е намален во источниот Медитеран, Југоисточна Азија, како и во Северна и во Јужна Америка. Вкупниот број потврдени случаи на заразени со новиот коронавирус, од почетокот на пандемијата, достигна до 455 милиони. Регистрирани се шест милиони смртни случаи.