Лебот, маслото за јадење и брашното од вчера се продаваат по набавни цени, а за дел од основните прехранбени продукти се намалени маржите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните и да се сочува нивниот животен стандард во екот на најголемата економска криза кога на светските берзи секојдневно расте цената на горивата.
За белиот шеќер, трајното кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо, сувомеснатите производи, како салами, виршли и колбаси, сирењето, урдата, оризот, јајцата и макароните намалени се профитните маржи во трговијата на големо од 5 на 4 проценти и во трговијата на мало од 10 на 3 проценти. Намалувањето на маржите ќе важи до 31 мај.
Дополнително, како времена мерка целосно е забранет и извозот на маслото за јадење, бидејќи проценките се дека во периодот од 1 до 8 март од државата се извезени 330 тони. Постои можност ваква забрана да има и за дел од другите прехранбени производи како што се брашното, пченицата и пченката бидејќи има побарувачка за извоз од соседните и европските држави.
Следниот вторник, пак, според најавите, најверојатно ќе биде донесена и мерка за увоз на масло за јадење од сите држави со нула проценти царина со што се очекува да се зголеми конкурентноста на пазарот и да се стабилизира цената на овој прехранбен продукт.
Наскоро се очекува да бидат донесени и законските измени на данокот за додадена вредност и за акцизите со кои треба да се намали ДДВ за основните прехрабени продукти и за горивата. Собраниската седница веќе е закажана за денеска во 15 часот, а од Владата апелираат пратениците веднаш да ги усвојат законските измени со кои треба да се овозможат брза имплементација на мерките кои се во насока на заштита на животниот стандард на граѓаните и на компаниите.
– Не е време за политиканство. Сите мерки што беа презентирани од страна на претседателот на Владата и на ресорните министри веќе се пратени во Собранието и би сакал да ги повикам сите пратеници што побрзо да ги усвојат законските измени во делот на Законот за ДДВ и во делот на Законот за акциза, изјави вчера министерот за економија Крешник Бектеши, според кого, ако има добра волја од сите страни, законските измени може да се донесат и во текот на денешниот ден.
Измените се однесуваат на намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи од 5 отсто на 0 отсто, намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 10 отсто за горивата, како и намалување на акцизата за горивата согласно берзанските цени.
Владата во вторникот донесе пакет од 26 мерки од 400 милиони евра за ублажување на ценовниот шок. Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата на која ги образложи мерките рече дека се соочуваме со најголемата економска криза по Втората Светска војна и дека пред нас е тешка година која со добри мерки и политики ќе ја премостиме.
Единствен приоритет во моментот, како што напиша Ковачевски вчера на Фејсбук, е да се заштити стандардот на граѓаните и да се одржи економската стабилност.
– Ги насочуваме парите онаму каде е најпотребно – за финансиска поддршка на граѓаните и компаниите. Единствен приоритет во моментов е да го заштитиме стандардот на граѓаните и да одржиме економска стабилност, вели Ковачевски во фејсбук статусот.
Од Владата уверуваат дека Буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сите обврски и дека нема опасност по стабилноста на денарот.
Од друга страна, цените на нафтените деривати на светските берзи секојдневно растат. Во земјава, каде цените на горивата почнаа да се определуваат на дневно ниво, секојдневно расте цената на бензините и на дизелот. Вчера поскапе дизелот за три денари и се продава по цена од 97 денари за литар, додека цената на литар Еуросупер БС-95 е 93 денари, а Еуросупер БС-98 се продава по цена од 95 денари.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека се наоѓаме во најдиманичната недела со најголем број на флуктуации на дневна основа на берзата на нафтените деривати особено на дизелот што се рефлектираат на крајната цена на дериватите. За да се амортизира ударот врз крајната цена, РКЕ донесе одлука за намалување на маржите за трговците за 33 отсто и повика на трпеливост и солидарност.
Но, снабдувачите на нафтени деривати велат дека работат со загуби и предупредуваат дека може да настане криза со снабдувањето на горива.
Од компанијата „Макпетрол“ вчера информираа дека ненадејното намалување на маржите создава непазарни услови кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати и според нив постои сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок.
– Ваквите мерки, кои што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ (РКЕ) и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај тие со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува, истакнаа од „Макпетрол“. И превозниците за понеделник најавија состанок на кој очекуваат да бидат донесени одредени заклучоци како ќе делуваат понатаму бидејќи според нив најавените мерки нема многу да им помогат на превозниците кои нема да можат да ги следат цените на горивото и нивната промена на дневно ниво.