ноември 22, 2024

Џафери во Косово: Нашиот регион е ранлив, чуствителен и подложен на влијанија

Што се однесува на негативните рефлектирања на украинската ситуација несомнено е дека ние носителите на соодветните функции треба да бидеме будни во превентивен аспект, повикувајќи се на горките искуства од последните три децении, од распаѓањето на поранешна Југославија и од целата ситуација што произлезе, која што беше и е актуелна во регионот, изјави во Приштина претседателот на Собранието, Талат Џафери.

– Несомнено дека нашиот регион е чувствителен, ранлив и под влијание на надворешни влијанија и во тој контекст треба да бидеме внимателни и над се делот на оваа соработка е координирање во сите можни негативни ефекти што би можело да ги има во регионот. Несомнено дека ги согледуваме овие прашања меѓутоа не мислам дека има нешто конкретно. Како и да е, за секаква ситуација институциите треба да бидат во состојба на готовност, институции коишто треба да ја следат ситуација и информирање за конкретната и фактичка ситуација и во регионот и пошироко, рече Џафери на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин претседателот на косовскиот Парламент, Глаук Коњуфца.

Во однос на тоа што е потребно институциите на Косово да направат во однос на аспирацијата за членство во НАТО и ЕУ, Џафери рече дека не би претендирал да игра улога на советник, затоа што верува дека надлежните косовски институции ги следеле и го следат процедуралниот, институционалниот пат на тоа што се домашните одлуки за пристапување.

– И како претседател на Собранието и како Република Северна Македонија ние сме на располагање на институциите на Република Косово да може да ги споделиме нашите искуства на институционален начин и искуствата што го опфаќаат нашето патешествие кон НАТО и ЕУ. Несомнено дека таа поддршка не е само декларативна и практична и како членка на НАТО, со контингентот со којшто учествуваме во формацијата на КФОР во Република Косово, тоа е јасен сигнал дека ние сме подготвени да бидеме присутни и во таа форма и да обезбедиме тоа што е сигурност, мир, и благосостојба на Република Косово и народот на Република Косово, вели претседателот на Собранието Џафери.

Прашан за позицијата на Србија во однос на руската агресија, Џафери смета дека нема потреба од посебен коментар.

– Позицијата сами си ја адресирале со тоа што гласале позиција за приклучување кон ОН со санкции кон Руската Федерација, а во билатерален контекст адресирале дека тие не се подготвени да спроведат казнени мерки било да се економски или други, така што тие самите си се позиционирале и тоа го именувале и нема потреба да се коментира, вели Џафери.

Тој го повтори ставот за поддршка на разговорите Приштина – Белград, кој вели, треба да финализира со заемно признавање. 

– Не може да има договор без билатерална согласност на двете страни што се во разговорите. Несомнено е дека определбата за заемно прифатливи разговори подразбира и финален акт на заемно признавање, вели Џафери.

Што се однесува на процедурите за апликација за члнество на Косово во ЕУ и НАТО, Коњуфца изјави дека косовската Влада веќе ги има обзнанено своите чекори и има ветено дека ќе се обиде да аплицира за во ЕУ, а за НАТО, вели, постои 10-годишен план којшто беше објаснет во којшто се влезени во 2018 година и којшто се очекува да се круниса во 2028 година. Тој смета дека ЕУ и НАТО треба да ги олеснат процедурите за членство гледано од безбедносен аспект.

Read Previous

Блинкен- НАТО е одбранбен сојуз, но ако дојде до конфликт кај нас, ние сме подготвени

Read Next

Земјотрес во Охрид и регионот