ноември 23, 2024

Хакери синоќа извршиле напад на повеќе македонски банки

Вчеравечер на кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка и на домашните банки, потврдија од Народната банката.

Ова било поради хакерски напад или т.н. ДДоС напад, но, како што уверуваат од Народната банка, проблемите биле надминати во најкус рок, а безбедноста односно доверливоста и интегритетот на податоците во ниту еден момент не биле доведени во прашање.

-ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, во ваков случај ниту се исклучува сервисот ниту, пак, се менува содржината на веб-страницата, објаснуваат од Народната банка.

Оттаму посочуваат дека заедно со домашните банки ги следат глобалните трендови и постојано ја зајакнуваат отпорноста и заштита на информативните системи од заканите во дигиталниот простор.

Во неделата од твитер-профилот на хакерите со име „Моќна грчка армија“ (Powerful Greek Army) беше најавено дека наскоро ќе има хакерски напад на сите банки во Северна Македонија.

Read Previous

ЕУ договори санкции кои ќе бидат „болни“ за Русија

Read Next

МТСП: Од утре почнува исплатата на пензиите