Британскиот премиер Борис Џонсон нагласи дека санкции и други мерки ќе бидат подготвени во случај на руски напад врз Украина, а неговата Влада ќе побара од Парламентот санкции за руски поединци и компании.
Во авторска статија за лондонски „Тајмс“, Џонсон наведува дека Британија размислува да распореди борбени авиони и воени бродови на Кралската морнарица за да ја заштити Југоисточна Европа, а британскиот министер за одбрана Бен Волас и министерката за надворешни работи Лиз Трас наскоро ќе отпатуваат во Москва.
– Британски санкции и другите мерки ќе бидат подготвени во случај на каков било руски напад. Владата ќе побара од Парламентот нови овластувања за санкционирање на поширок опсег на руски поединци и ентитети, вклучително и секоја компанија поврзана со руската држава или која работи во сектор од стратешко значење за Кремљ, напиша Џонсон.
Тој истакна дека Велика Британија, исто така, се подготвува да ја зајакне борбената група на НАТО во Естонија предводена од Лондон. – Ја поздравувам изјавата на Германија дека проектот Северен поток 2 ќе се преиспита во случај на инвазија, додава британскиот премиер.