ноември 22, 2024

Скопје очекува разговорите со Софија да продолжат во европски дух и со почитување на достоинството

Во пресрет на разговорите на експертско ниво меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија посветени на политичкиот пакет прашања за надминување на разликите меѓу двете земји што треба да се одржат неделава, премиерот Димитар Ковачевски со порака дека очекува тие да се водат во духот на европските вредности и со почитување на достоинството и на граѓаните и на двете држави.

Според Ковачевски, овие разговори се во духот на новиот процес отворен меѓу Скопје и Софија, кој се темели на прашања за реални теми кои практично ги афектираат сите граѓани и сите општествени процеси.

– За таа цел, по двете средби што ги имавме со бугарскиот премиер и заедничката владина седница во Софија, беа договорени работни групи во областа на економијата, инфраструктурата, образованието и културата, европските интеграции, нормално и Историската комисија продолжи да работи, и тогаш рековме дека министерствата за надворешни работи на двете држави ќе работат на изнаоѓање решенија за политичките прашања кои се отворени меѓу двете држави, изјави Ковачевски.

Тој посочи дека во овие разговори на двете Министерства се вклучени професионалци кои ќе работат на изнаоѓање решенија за отворените политички прашања базирани на меѓународните стандарди.

– Кога ќе имаат резултати во однос на нивните разговори кои ќе бидат на ниво да може да се смета дека се прифатливи, тогаш нормално дека и владите ќе ги разгледуваат, а ќе бидат споделени и со јавноста низ процедура и со институциите задолжени за нивно разгледување и евентуално усвојување, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања при вчерашната посета на ТИРЗ Штип.

Паралелно со средбата меѓу експертите од двете Министерства за надворешни работи, за в четврток е најавен и состанок на Работната група за транспорт и инфраструктура меѓу Северна Македонија и Бугарија, а в петок треба да се реализира и првиот лет на релација Софија – Скопје.

Како што најави минатата недела министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, делегација од ресорните министерства за транспорт и туроператори од двете држави ќе бидат патници на првиот лет од Софија до Скопје, а веќе од следниот месец же се воспостават и редовна авиолинија меѓу двата града.

– На 11 февруари во Скопје ќе организираме заедничка средба со туроператорите од Северна Македонија, каде што очекувам да се најдат сите поволности и можности и најдобри солуции за граѓаните, за во иднина оваа линија да биде операбилна и да може да оперира редовно на релација Софија – Скопје и секако уште една дестинација што ќе биде дополнителна можност за граѓаните, најави Бочварски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ синоќа во интервју за ТВ Телма во врска со разговорите со Бугарија истакна дека досегашното комуницирање со датуми и рокови не ни донесе среќа и успех и дека сакаме брзо, но не и избрзано решение.

– Ако оперираме со датуми, само ќе броиме денови, наместо да работиме. Подобро е да работиме и кога ќе има успех или неуспех да кажеме дека сме го решиле или не сме го решиле проблемот, истакна вицепремиерот за европски прашања, потенцирајќи дека целата Влада е фокусирана на решавањето на овие прашања со Бугарија и почеток на преговорите со Европската Унија.

Според него, брзата и интензивна динамика не тера да ги отвориме сите прашања и во краток рок да се дојде до договор. Тој нагласи дека работните групи меѓу Северна Македонија и Бугарија се мерки за градење на доверба и промена на атмосферата на остри изјави и постојана предизборна реторика, која мора да се смири со повеќе теми, кои ќе ни покажат дека нашите односи не се сведуваат само на историските прашања.

– Не бегаме од отворените прашања. Ги знаеме темите и разговараме на нив. Исто така ги знаеме и позициите. Нашите позиции се водени од Декларацијата изгласана во Собранието и врз основа на таа Декларација влегуваме во разговорите со Бугарија за сите отворени прашања, додаде Маричиќ.

Маричиќ, меѓу другото, рече и дека нашиот процес на пристапување во ЕУ не може да заврши во краток временски период.

– Во споредба со другите држави досега, процесот не одел пократко од 4 до 5 години. Србија и Црна Гора веќе 10 години се во преговарачки процес и не е на повидок да биде завршен. Ние само бараме веднаш да ги почнеме преговорите, додаде Маричиќ.

Во исто време, бугарскиот експерт за политички комуникации Иво Инџов оцени дека Бугарија нема интерес да изгради нов Берлински ѕид околу Северна Македонија и дека треба биде лидер на европската интеграција на земјава.

Инџов во изјава за „Еурактив“ нагласува дека Бугарија не може да си дозволи да ја блокира земјава долго време, бидејќи со тоа ќе создаде „нов антибугарски бран во македонското општество“, додавајќи дека интензивирањето на економската соработка може да создаде атмосфера на доверба меѓу двете држави.

Во текст насловен „Берлинскиот ѕид допрва треба да падне за Скопје“, „Еурактив“ оценува дека бугарскиот премиер Кирил Петков се обидува да го промени пристапот кон Скопје со цел да го надомести изгубеното време и најавил дека ќе го интензивира дијалогот со земјите членки на ЕУ „што не го разбираат ветото кон Северна Македонија“.

– Во отсуство на политика, медиумите пренесуваат остра реторика – на пример, бугарското МНР, по средбата на Пендаровски со претставници на „ОМО Илинден“. Во Бугарија оваа организација беше регистрирана како партија во 1999 година, но регистрацијата беше укината една година подоцна. Радев ги нарече нивните претставници дека имаат „сепаратистички ставови и претензии кон малцинство“ – причини поради кои оваа организација беше прогласена за неуставна. Сепак, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) не гледа закана за националната безбедност на Бугарија од страна на „ОМО Илинден“ и инсистира таа да биде регистрирана, потсетувајќи на основната вредност на ЕУ – правото на слободно самоопределување. Бугарија постојано ги игнорира одлуките на ЕСЧП на оваа тема, а организацијата сè уште се смета за ризик за територијалниот интегритет, додава „Еурактив“.

Според бриселскиот портал, Петков за разлика од бугарскиот претседател Румен Радев ја игнорираше темата за „ОМО Илинден“. – Неговата еманципација од неговиот поранешен ментор Радев, поминува низ голем тест: падот на Берлинскиот ѕид за Скопје. Ако успее, тоа нема да му донесе слава – веќе ќе биде успех ако не биде прогласен за „народен предавник“, заклучува „Еурактив“.

Read Previous

Во Украина воена вежба од 10 до 20 февруари

Read Next

Џонсон: Санкциите се подготвени доколку Русија ја нападне Украина