ноември 22, 2024

Минимална плата од 18.000 денари и сменета методологија на усогласување

По неколкудневни преговори вчера беше постигнат договор минималната плата да биде зголемена од сегашните 15.200 денари на 18.000 денари. Зголемувањето ќе започне со мартовската плата што значи дека веќе во април околу 80.000 работници во земјава ќе земат минимална плата од 300 евра.

Со ова е исполнето барањето на синдикатите кои инсистираа минималната плата веднаш да биде зголемена на 18.000 денари укажувајќи дека тоа е егзистенцијална потреба на работниците во услови кога се зголемени животните трошоци.

Зголемувањето на минималната плата ќе биде потпомогнато од страна на државата која ќе го субвенционира делот од придонесите за што од Буџетот ќе бидат одвоени 16 милиони евра до крајот на годината.

– Осумдесет илјади наши работници, наши сограѓани, од различни индустрии почнувајќи од мартовската плата ќе земаат најмалку 18.000 денари. Оваа сума означува раст на нето платата на овие работници за околу 45 евра месечно. Зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари, која на работниците ќе почне да им се исплаќа на почетокот на април, е мерка која во најголема мера ги опфаќа вработените во микро и малите претпријатија, трговијата, преработувачката индустрија и други важни индустрии во земјата, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Економско-социјалниот совет.

Се менуваат и критериумите за усогласување на минималната плата, односно таа ќе се формира како 50 проценти од порастот на на просечната плата и 50 проценти од процентот на индексот на живот, со дополнителен услов, уделот на минималната во просечната плата задолжително да биде над 57 проценти.

– Добивме една нова методологија – 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од трошокот за живот, а во методологијата го изоставивме делот за БДП кој во минатото ни правеше големи негативни ефекти, знаејќи дека минатата година беше минус 0,7 проценти и не успеавме да ја усогласиме минималната плата на ниво достоинствено за работниците, изјави вчера претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

Од синдикатите се надеваат дека порастот на минималната плата позитивно ќе се одрази и на растот на останатите плати во државата, односно дека ќе се почитува член 8 од Законот за минимална плата.

Работодавачите очекуваат поголема продуктивност од работниците, а допрва ќе ги прават анализите за тоа какви реперкусии ќе имаат врз работењето.

– Ова е нова одлука за нас, со нови методологии и нов пристап. Од таа причина ќе мора дополнително да го консултираме нашето членство и да излеземе со став по однос на реперкусиите врз работењето. Како што вети и Синдикатот, очекувам да останат доследни на својот збор дека работниците задоволни од минималната плата ќе придонесат за зголемување на продуктивноста, истакна вчера претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.

Со позитивна оценка за порастот на минималната плата се огласи и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој беше вклучен во разговорите со синдикатите и работодавачите. Според него, ова е солидарно решение со кое им се излегува пресрет и на граѓаните и на стопанството.

– Дијалогот вроди со плод. Од март, околу 80.000 мои, ваши сограѓани ќе добијат минимална плата од 18.000 денари. 13 проценти од вработените во нашата земја земаат минимална плата, со ова покачување им помагаме да се извлечат од прагот на сиромаштија. Европскиот стандард на луѓе кои примаат минимална плата е 3 проценти од вкупниот број на вработени, и кон тој стандард треба да се приближуваме и да работиме, напиша Битиќи на „Фејсбук“.

Пред вчерашниот состанок, минатата недела беа одржани две седници на Економско-социјалниот совет кои беа без договор поради различните ставови на синдикатите и работодавачите. Во петокот, Бизнис конфедерацијата излезе со предлог зголемувањето на минималната плата да биде субвенционирано од страна на државата. Ваквиот предлог беше разгледан на вчерашниот Економски совет на Владата.

Read Previous

Уставниот суд бара докомплетирање на неговиот состав, за Џафери опструкциите во Собранието го оневозможуваат изборот на уставни судии

Read Next

Во Украина воена вежба од 10 до 20 февруари