ноември 23, 2024

Светиот крст во Скопје посветен на сите учесници во церемонијата за Богојавление

Игор Јакимовски го фати Светиот крст што архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан го положи во водите на реката Вардар во Скопје по нивното  осветување на традиционалната манифестација што по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици се одржа на мостот „Слобода“ кај хотел „Холидеј Ин“.

-Оваа година крстот е за сите во знак на сплотеност и заедништво, порача групата учесници на церемонијата, во која немаше традиционално скокање по крстот, а учесниците го дочекаа заедно прегрнати.

Јакимовски во изјава за МИА рече дека учествува на манифестацијата 29-ти пат и порача дека крстот е заеднички  и оти со ваквиот начин на дејствување групата покажала сплотеност.

– Денеска сите видовте како ние сплотени го направивме самиот чин за пуштањето на Светиот крст, така што сосема  случајно дојде во моите раце, меѓутоа верувајте тоа е како да паднал во сите раце на сите верници што беа долу во водите. Тука се сите момци, заедно  прославуваме, јас ја имав таа чест да дојде во моите раце, тие ме испочитуваа како буквално јас да сум го фатил но тоа  е наш заеднички крст и покажавме една сплотеност во  овие како да ги кажам тешки времиња, така што ќе продолжиме да бидеме  понатанму и се надевам дека ќе живееме една година што ќе биде безгрижна и година на враќање во нормала, изјави Јакимовски.

Оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Празнувањето на Богојавление почна со празнична литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица во девет часот, по што литијата од храмот се упати до мостот „Слобода”  и беше извршен големиот богојавленски водосвет.

На овој ден, според христијанското предание Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан.

Read Previous

Нови врнежи од снег во петок

Read Next

Мицкоски: Поскапувањето на струјата директно ќе удри на стандардот на граѓаните