ноември 24, 2024

Маричиќ оптимист за нова динамика во преговорите со Бугарија

Министерот Бојан Маричиќ кој во новата Влада ќе биде вицепремиер за европски прашања, смета дека утрешната посета на бугарскиот премиер Кирил Петков е добар знак и добар сигнал за отворање нов процес, бидејќи од двете страни на границата, како што рече, има нови влади на кои треба да им се даде шанса да ги извлечат научените лекции од досегашниот тек на процесот, како и да ги забрзаат напорите за решавање на отворените прашања.

-Во однос на временската рамка не мислам дека е корисно ниту за граѓаните, ниту за процесот да се споменуваат временски рамки зашто тоа досега не ни донесе успех. Но, исто така тоа не значи дека треба и да нема некоја динамика на функционирање, на работа. Мислам дека утрешната посета ќе биде добра за воспоставување на динамиката во која што ќе се формираат и ќе работат и работните групи и двете влади на изнаоѓање на решенија на отворените прашања, истакна Маричиќ, одговорајќи на новинарски прашања на денешната заедничка прес-конференција со германската министерка за Европа, Ана Лирман.

За нас е, дополни Маричиќ, е многу важно да влеземе во процесот суштински, искрено и со добра волја.

-Доколку така влеземе и двете страни, верувам дека ќе можеме да најдеме динамика што ќе ја тргне блокадата. Кога тоа точно ќе биде, тоа никој однапред не може да каже, но мислам дека треба да биде што побрзо, бидејќи доволно време изгубивме досега. Лицитирање со датуми мислам дека воопшто не би било корисно, а час поскоро би требало да изнајдеме решение на отворените прашања и да ја поставиме рамката за кревање на блокадата, за начин за решавање на отворените прашања и разликите, но и за почеток на нашите преговори со ЕУ.

Лирман, пак, во однос на спорот со Бугарија е оптимист. Таа уште еднаш повтори, како и во свето обраќање, дека билатералните прашања треба да се решаваат билатерално.

-Се надевам дека ќе успееме наскоро да постигнеме исчекор и да почне првата меѓувладина конференција. Важно е билатералните прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија кои постојат билатерално да бидат решени. Јас сум оптимист. Што се однесува до сигналите од Бугарија по однос на ова прашање ви посакувам многу успех за прашањата за коишто утре ќе се дискутира, истакна германската министерка.

Read Previous

Филипче му ја предаде функцијата на Беким Сали

Read Next

Дали новиот министер ќе донесе правда во Македонија? Професорот Тупанчески ја презема функцијата