ноември 23, 2024

Адвокатите на Мијалков: Нема да бега, никогаш со своето однесување не покажал дека може да биде недостапен за органите на прогонот

Жалбата на адвокатите на Сашо Мијалков со која бараат екс – директорот на УБК да излезе од притвор, уште патува до Апелациониот суд. Кривичниот суд сè уште нема добиено повратен одговор дека сите страни во предметот „Плацови на Водно“ ја добиле жалбата на Мијалков за да можат да ја испратат до скопска Апелација. Денеска тројца адвокати на Мијалков јавно образложуваа зошто тој треба да излезе од притвор, а се повикаа и на Обвинителството кое не утврди дека Мијалков избегал во февруари кога не беше достапен за органите на прогонот.

„Ленче Ристовска ја спроведе истрагата во врска со бегството и донесе обвинителска резолуција каде што утврди дека бегство немало и помагачи нема, нема предмет. Така што шпекулациите за бегство се тотално апсурдни и неиздржани“, рече Звонко Давидовиќ, адвокат на Мијалков.

„Ја уверуваме јавноста дека Мијалков нема намера да се даде во бегство. Тој досега се појавил на повеќе од 200 главни расправи во Судот и со ни еден гест и однесување не покажал дека може во иднина да стане недостапен на органите на прогонот“, изјави Петар Василев, адвокат на Мијалков.

Одбраната на Мијалков бара Јавното обвинителство по допрен глас да го гони министерот за правда Бојан Маричиќ бидејќи тој јавно ги објави апелационите судии кои одлучија да го укининат притворот на Мијалков.

Read Previous

Љупчо Николовски поднесе оставка од функцијата генерален секретар на СДСМ

Read Next

Ахмети: Разликите со Бугарија се приближени, да се почитува Договорот за пријателство