Полскиот премиер матеуш Моравиецки го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека стои зад мигрантската криза на белоруската граница со Полска, јави Би-Би-Си.
Премиерот Моравиецки изјави дека белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко, близок соработник на Владимир Путин, управува со кризата, но дека тој е „иницијаторот во Москва“.
Најмалку 2.000 лица се запрени во пограничната област под лоши временски услови.
Белорускиот претседател ги отфрли обвинувањата дека испраќал луѓе преку границата, барајќи одмазда за воведувањето европски санкции.
На видео снимки се гледаат толпи луѓе на белоруската страна на границата со Полска, каде што е поставена бодликава жица. Некои од нив се обидуваат да се пробијат на другата страна користејќи алати за сечење жица, стебла или со заедничка сила, додека од друга страна полските стражари се чини дека користат солзавец за да ги попречат во нивните обиди.
Многу мигранти се млади луѓе, но има и жени и деца, претежно од Блискиот Исток и Азија. Тие се сместени во шатори на територијата на Белорусија, меѓу полските стражари од едната и белоруските од другата страна.
Ноќните температури деновиве паднаа под нулата, а неколку луѓе починаа на студ во последните недели.
Говорејќи вчера на вонредната седница на полскиот Парламент, откако претходно ги посети полските сили на границата, премиерот Моравиецки кажа дека „овој напад извршен од Лукашенко е смислен во Москва, а главниот ум е претседателот Путин“.
Тој ги обвини руските и белоруските лидери дека се обидуваат да ја дестабилизираат Европската унија дозволувајќи им на илегалните мигранти да се обидат да влезат на територијата на ЕУ патувајќи низ Белорусија.
Тој ја опиша ситуацијата како „нов тип на војна во која луѓето се користат како жив штит“ и тврди дека Полска се соочува со сценарио кое сака да предизвика хаос во Европската унија.
Моравиецки истакна дека ова е првпат во последните 30 години безбедноста на полската граница да биде толку брутално загрозена. Полска распореди дополнителни сили на границата и предупреди на можна „вооружена“ ескалација, стравувајќи дека Белорусија би можела да се обиде да предизвика инцидент.