ноември 22, 2024

Додик упорен да ги врати надлежностите на Република Српска

Српскиот член на Претседателството на БиХ и лидер на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик изјави дека нема понуда од странци што би можела да ја спречи актуелната влада во Република Српска во намерата на овој ентитет да му ги врати надлежностите кои во претходниот период беа пренесени на државно ниво.

– Владата во Република Српска има капацитет да го стори тоа. Не можеме да ги прифатиме одлуките на високиот претставник на БиХ, кој повеќе не постои овде, ниту Уставниот суд на БиХ, кој одлучува надвор од Уставот на БиХ, рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.

Тој рече дека РС „нема намера да води војна и да ја дестабилизира БиХ“, додавајќи дека нема да се откаже од дејтонската структура на БиХ, во која рамноправни се два ентитета и три народи.

Според него, РС нема да биде во БиХ во која политичкото Сараево, со помош на високи претставници и, како што рече, „инквизицискиот уставен суд на БиХ, сака да ја централизира власта на ниво на БиХ и да ја обезвласти РС“.

Наведувајќи дека со враќањето на надлежностите, кои во претходните години беа префрлени на државно ниво, РС сака само да придонесе за враќање на уставниот поредок во БиХ дефиниран со Дејтонскиот договор, Додик оцени дека РС не го прекршува Уставот на БиХ и не ја нарушува стабилноста во земјата.

– Стабилноста во БиХ за нас значи уставна БиХ, а не БиХ проектирана од канцелариите на некои далечни земји, како што се САД, истакна тој.

Српскиот член на Претседателството на БиХ рече дека РС ги почитува територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ и уставниот поредок на земјата, но оти инсистира тоа да го почитуваат и другите страни во БиХ.

Осврнувајќи се на седницата на Советот за безбедност на ОН, Додик го поздрави продолжувањето на мандатот на ЕУФОР во БиХ, додавајќи дека за првпат Советот за безбедност „бил на страната на меѓународното право, благодарение на позициите на Русија и Кина“, кои оневозможија да се расправа за извештајот на високиот претставник за ситуацијата во БиХ и Кристијан Шмит да се обрати пред Советот за безбедност.

Според него, по седница на Советот за безбедност на ОН, јасно е дека Високиот претставник во БиХ не постои, а Шмит го нарече „самопрогласен“ висок претставник.

Советот за безбедност на Обединети нации претходно усвои резолуција за Босна и Херцеговина, со која се продолжува мандатот на мисијата на ЕУФОР.

Резолуцијата 2604, со која мандатот на Мисијата на Европска Унија во БиХ е продлжен за една година, беше поддржана од сите 15 земји-членки на СБ.

Ако не беше усвоена нова резолуција, мандатот на ЕУФОР ќе завршеше денеска.

Во новата резолуција не се споменува Канцеларијата на Високиот претставник (ОХР).

Амбасадорот на БиХ во ОН, Свен Алкалај изјави дека неговата земја се наоѓа во најголема криза од завршувањето на војната во 1995 година и ги обвини властите во Република Српска за „суштинско поткопување“ на Дејтонскиот договор. – Ова не го загрозува само мирот и стабилноста во земјата и регионот, туку може сериозно да го загрози и самиот Договор, посочи Алкалај.

Read Previous

На Вселенскиот патријарх Вартоломеј во болница во Њујорк му е вграден стент

Read Next

Активни 7.275 случаи, шест ученици позитивни на вирусот