Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кој што излезе пред неколку дена е многу лош, таму се нотирани работите за кои ВМРО-ДПМНЕ цело време зборува, дека во државата нема реформи како и дека постои екстремно високо ниво на криминал и корупција, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски.
Ова го истакна Мицкоски при посетата и средбата со граѓани во Пештани во Охрид, каде што беше запрашан од новинарите за коментар за последниот извештај на ЕК за Македонија, при што додаде дека токму тоа е и резултат кој што лошата состојба која што денеска ја живееме.
„Самиот извештај е многу лош. Мојата оценка е дека тој е многу лош, затоа што таму е нотирано она што ние го зборуваме цело време. А, тоа е екстремно високото ниво на криминал и корупција која што владее во Македонија, немањето реформи и тоа е практично резултатот кој што ние денеска го живееме“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека пет години, уште од сликаат во авионот каде што беа сликани главните експоненти на Владата, не убедуваат дека сме отпочнале преговори со Европската унија, а во реалноста сме далеку од тоа, а сега во последните крикови да се задржат на власт уште неколку месеци за да делат тендери, Зоран Заев и другите околу него, на отворена врата ја распродаваат Македонија и се што е македонско.
„Пет години не убедуваат, од онаа сликичка во авиончето со кренатиот палец, дека ние преговараме, а во суштина уште не сме ни почнале да преговараме. Па, гледаме сега на отворена врата како дополнително се распродава Македонија, македонската есенција, македонскиот идентитет мислејќи дека на тој начин ќе се добие нешто, а во суштина ништо не се добива, тоа е само борба за политички опстанок на Зоран Заев уште некој месец повеќе за тендери и за власт, за ништо друго“, посочи Мицкоски.
Тој порача со оваа гарнитура на власт не може да се има добра и нова иднина, тие можат само да не влечат назад, а напред можеме да одиме само по бројот на починати поради Корона вирусот, како и до сега при што поради неспособноста на власта над седум илјади македонски граѓани го загубија животот, со што Македонија се најде на врвот на светските и европски листи по број на починати на милион жители.
„Така што, со овие луѓе ние не можеме да изградиме нова иднина, со овие луѓе можеме само да одиме назад, а можеме да одиме напред според бројот на луѓе кој што го загубија својот живот од Корона пандемијата, поради неспособноста на Владата. Повеќе од седум илјади сограѓани, за жал, го загубија својот живот, катастрофата во образованието, екстремно високото ниво на криминал и корупција, немањето реформи. Во економијата гледате што се случува, на повидок е и енергетска криза, така што, навистина живееме во една тешка ситуација, а таа тешка ситуација е нотирана во овој последен извештај на Европската комисија за Македонија“, констатираше Мицкоски.