ноември 21, 2024

Даштевски: Сите изборни комисии денеска ќе го добијат доверливиот гласачки материјал

Државната изборна комисија (ДИК), утрово од Битола почна со преземање и дистрибуција на избирачкиот материјал за претстојните Локални избори што ќе се одржат в недела. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски изјави дека станува збор за доверлив материјал кој содржи гласачки ливчиња и изводи од избирачкиот список.

– Се е подготвено и денес ќе се дистрибуира цел материјал затоа што активностите ги почнавме во раните утрински часови со цел материјалот на време да пристигне во сите општини. Утре ќе ги предадеме и уредите за биометриска идентификација на гласачите во сите ОИК и изборната комисија за Град Скопје. На овие Локални избори има рекорден број на кандидатски листи, а тоа значи и многу материјал кој навреме ќе се дистрибуира, посочи Даштевски.

Во битолската печатница „Киро Дандаро” отпечатени се околу 4,5 милиони ливчиња и материјал што го придружува избирачкиот материјал за реализација на изборите, истакна Драги Милошевски, генерален менаџер на печатницата.

-Овие гласачки ливчиња заштитени со над 20 заштити и не е можно никакво фалсификување, ниту пренесување на ливчиња од едно на друго избирачко место затоа што сите ливчиња се обележани и заштитени. За печатење на избирачкиот материјал потрошивме околу 40 тони хартија за ливчиња и дополнителни 20 тони хартија за записници. Изработивме гласачки ливчиња за 80 општини и Град Скопје, за секоја општина посебни ливчиња, потоа ливчиња кои некаде се двојазични или тријазични во зависност од општините и се што отпечативме беше во зададениот рок, односно за 20 дена, потврди Милошевски.

ДИК и АД печатница „Киро Дандаро”-Битола потврдија дека изработката на материјалот се вршела со максимална заедничка соработка.

Read Previous

Десетина Срби повредени, еден потешко во полициска акција на северот на Косово

Read Next

Заев: Шансите за тргање на бугарската блокада ќе се зголемат по изборите во двете земји