ноември 21, 2024

Турскиот народ во РСМ незадоволен од пописниот процес

Од Националното координативно тело за пописот на Турскиот народ во РСМ излегоја со соопштение до јавноста.

„Изјавата на директорот на ДЗС, за нас е преуранета со тоа што го опиша процесот како успешен веднаш по завршувањето на процесот без да се анализираат сите слабости, повреди на загарантирани уставни права и законот за попис, на што ние многу пати во текот на процесот изразувавме незадоволство околу методологијата, недостатоците во пописот, недоволен број на попишувачи и инструктори од турската заедница, прекини и со денови не функционирање на системот за апликација, блокирани апликации од странство, проблемите со преводот и недостатоците во софтверот, недоволна информираност на населението за пописот, притисоците и игрите на терен и фактот дека многу наши граѓани не се избројани односно попишани.” се вели во соопштението. 

Во соопштението до јавноста, од Националното координативно тело за пописот на Турскиот народ во РСМ, ги презентираа недостатоците и нерегуларностите што ги забележале во текот на целиот процес.

– Од почетокот на пописот 5 септември до 21 септември апликацијата во електронска форма на турски јазик не функционираше и прашањата беа на турски јазик, а одговорите на македонски јазик, па така, немајќи друг избор, попишувањето принудно се одвиваше на македонски/aлбански јазик. За да се реши овој проблем, извесен период вложувавме големи напори, по што проблемот се реши само една недела пред завршување на Пописот, односно апликацијата на турски јазик почна да функционира од  22 септември.

– Покрај нашите укажувања во 29 пописни реони не беше запазена етничката структура на населението при избор на реонски инструктори и реонски попишувачи. Ова доведе до несакани настани во некои пописни реони како: Струга, Радовиш, Штип, Кичево, Велес, Струмица, Тетово, Гостивар, Скопје и други пописни реони, каде што некои попишувачи не земајќи го предвид законот за заштита на лични податоци, незаконски собираа ЕМБГ од граѓаните и ги попишувале без нивен увид на крајот на постапката. Прашањата  не беа поставувани  на нивен мајчин јазик. Нашите свесни граѓани реагираа до многу пописни комисии,  а од друга страна нас не известуваа за ваквите нерегуларности. Сепак овие се само дел од случувањата за кој ние имаме информации.

– Во одредени населени места каде нашиот Турски народ со векови живее, го негува соживотот со други народи, имаше обиди за манипулации и притисоци од структури кои се финансирани од странски фондации. Но за жал иако надлежните органи беа информирани и предупредени, не беа превземени никакви активности за надминување на наведените незаконски дејствија. Нашите сограѓани беа испровоцирани, вознемирени и навредени по национален основ. Благодарение на свесноста на нашиот народ, овие провокации беа надминати и отстранети, па така нашите долгогодишни мирољубиви комшиски односи не подлегнаа на таквите обиди за провокација.

– Не транспарентен, не благовремен и некоректен однос на надлежните од ДЗС со турските субјекти во текот на целиот процес.

– Со години наназад ДЗС во своите редови не го почитува уставното загарантирано право на соодветна и правична застапеност. Во наведената установа има неколку (симболична бројка на вработени) од Турската заедница, со ваков индиферентен однос ДЗС става сенка и недоверба со своите активности кај Турското население.

„За жал Пописот 2021 заврши со многу неодговорени прашања, приговори, неодговорности од институциите, пропусти  и проблеми  и со ваква незаконитост,  на граѓаните од Турската заедница  им се повредени правата согласно со членот 8 ставовите 2 (слободно изразување на националната припадност) 3 (владеењето на правото)  и 11 (соодветна и правична застапеност на граѓаните), членот 9 став 1 (Граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата) и  2 (Граѓаните пред Устав и законите се еднакви) член 48 ставовите 1 (Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите  на своите заедници..) и 2 (Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници), член 50 став 3 ( граѓаните имаат право да бидат запознаени со човековите права и слободи) и член 52 став 2 (секој е должен да ги почитува уставот и законот) од Уставот на Република Северна Македонија и повредени се членовите 16 Државниот завод за статистика се грижи за законитоста во подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот во согласност со одредбите од овој закон и врши надзор над работата на лицата – учесници во Пописот, член 30 (6) При изборот на попишувачите и реонските инструктори ќе се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во пописниот реон и член 34 (1) Апликацијата со која ќе се врши попишувањето ќе биде изготвена на 7 (седум) јазици: македонски, албански, турски, ромски, влашки, српски и босански. (2) Попишувањето се врши на јазикот што го избира лицето кое се попишува или лицето кое ги дава податоците.” – стои во соопштението. 

Од Националното координативно тело за пописот на Турскиот народ во РСМ потенцираат дека во текот на пописните активности со не функционирање на системот за апликација на Турски јазик и недоволен број на попишувачи и инструктори од Турската заедница директно на припадниците на турската заедница им се повредени правата на изразување на националната припадност, повреда на принципот на владеењето на правото и принципот на соодветна и правична застапеност  со што граѓаните од турската заедница не беа еднакви со слободите и правата и не беа еднакви пред Уставот и законите.  

„На припадниците од Турската заедница им беа повредени правата слободно да го изразуваат својот идентитет, за жал републиката т.е. ДЗС  не им гарантирал заштитата на етничкиот и јазичниот идентитет, со наведени дејствија на не сторување ДЗС не овозможил запознавање со човековите права и основни слободи и  не ги почитувал Уставот и законите кој се загарантирани во Уставот на Република Северна Македонија.” – велат тие.

„ДЗС направи повреда на принципот на законитоста во подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот, при изборот на попишувачите и реонските инструктори. Не беа  почитувани принципот на соодветна и правична застапеност на припадниците на Турската заедница  во пописните реони и aпликациите со која се вршеше попишувањето не беше  изготвена  на ТУРСКИ јазик, а поради тоа попишувањето не се изврши на јазикот што го избира лицето кое се попишува или лицето кое ги дава податоците т.е. на Турски јазик.

Ваквиот пристап доведува во прашање колку е коректен, транспарентен и легитимен овој Попис и дали со тие бројки кои ќе произлезат од оваа сложена статистичка операција ние како држава ќе можеме да градиме нова иднина за сите наши граѓани.” – се вели во соопштението. 

На крај додаваат дека не смее да се манипулираат конечните резултати од пописот, за да се прикаже нереалната слика на ова статистичка операција и дека нема да дозволат да се скратат правата поради некои политички договори и шпекулации.

Од Националното координативно тело за пописот на Турскиот народ во РСМ, ќе ги чекаат првичните резултати кои ќе бидат истакнати, а потоа ќе ја известат јавноста за нивните конечни ставови.

Read Previous

МТСП: Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Read Next

Османи во Берлин го врачи првиот пасош издаден во амбасада