Албанската актерка Анила Биша, чиј лик и глас се користат од виртуелната министерка во Владата на Албанија, Диела, поднела тужба до судот, барајќи нејзините податоци повеќе да не се користат од владиниот аватар.
Тужбата е поднесена до Управниот суд од прв степен во Тирана, додека се наведува дека актерката бара и отштета од еден милион евра за причинета „штета врз угледот“.
Исто така, се наведува дека Биша тврди оти се согласила со властите нејзиниот глас и лик да се користат исклучиво за моделот на виртуелниот асистент на владиниот портал e-Albania.
Според тужбата, како што е објавено во неколку медиуми, како тужени страни се наведени Советот на министри на Албанија, премиерот на Албанија, Националната агенција за информатичко општество на Албанија (АКШИ) и една компанија.
Актерката бара нејзиниот глас и лик да не се користат за виртуелната министерка Диела сè до завршување на судскиот процес.
Потсетуваме дека првпат дел од владиниот кабинет на Албанија е и виртуелна министерка создадена со вештачка интелигенција која, според албанските власти, ќе се занимава со прашањата за јавните набавки.
Вклучувањето на виртуелната министерка во Владата на Албанија предизвика дебати во земјата.

