Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации. Ова попладнево го објави градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
– Со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје. Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито. Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор, порача тој.
Како што информира, а и од фотографиите од терен, може да се забележи дека се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено.
Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
– На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди, порача Ѓорѓиевски.
– Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество, порача првиот човек на Град Скопје заблагодарувајќи се на министерот за спорт, Борко Ристовски, за како што рече, поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее, остануваат наш врвен приоритет, дециден е Ѓорѓиевски.
Skopjeinfo

