Премиерот Зоран Заев бил домаќин на редовниот годишен состанок на шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја, информираат од владината прес-служба. Заев разменил мислења со амбасадорите за актуелните и најважни активности во Северна Македонија со посебен акцент на процесот за интеграција на земјата во Европската Унија.
„Премиерот Заев, пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ кои беа предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје Дејвид Гир, разговараше за постоечкиот континуитет кој оваа Влада го одржува во делот на реформските процеси, во делот на правосудството, борбата против корупцијата како и реформите во јавната администрација. Дополнително беше разговарано за пописот како клучна статистичка операција која недостасуваше изминативе 20 години и која е клучна за понатамошното развивање на државата на секој план.Премиерот Заев истакна дека очекува до крајот на словенечкото претседателство да се постигне напредок во евроинтеграцијата на државата,“ се вели во соопштението.
Заев пред амбасадорите истакнал дека „Северна Македонија ги заврши своите домашни задачи и е целосно подготвена да ги започне преговорите со Европската Унија“.