Еден прекуокеански лет меѓу Обединетото Кралство и Њујорк на долг рок има климатско влијание што би можело да ја чини глобалната економија 3.000 долари, кои би требало да се потрошат на справување со последиците од климатската криза, пишува весникот „Гардијан“.
Истражувањето за ваквите трошоци што произлегуваат од испуштањето на штетните емисии на стакленички гасови е изработено од експерти од Универзитетот во Кембриџ, Универзитетскиот колеџ во Лондон, Империјал колеџот во Лондон, како и меѓународни партнери од Швајцарија, Германија, САД и Австрија.
Нивните проценки се дека за секој тон јаглерод диоксид испуштен во атмосферата, глобалната економија би била погодена со 3.000 долари трошоци до крајот на овој век што произлегуваат од ефектите од климатските промени.
Иако досегашните тврдења беа дека пожарите, поплавите, сушите и другите последици од климатските промени не влијаат врз економскиот раст, авторите на истражувањето велат дека има сè повеќе докази за спротивното.
„Сè уште ни треба подобро разбирање за тоа како климата го менува економскиот раст, но дури и во присуство на мали долгорочни ефекти, намалувањето на емисиите станува многу поитно“, вели за „Гардијан“ професорот Крис Бриерли од Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Инаку, овој лондонски весник веќе ги објави прогнозите дека токму авио индустријата е еден од секторите во коишто се очекува вложување на состојбата со емисиите на стакленички гасови во иднината. По надминување на ковид-19 пандемијата во меѓународни рамки, очекувањата се бројот на патници што патуваат со авион да продолжи силно да се зголемува низ целиот свет, а до 2050 година емисиите на јаглерод диоксид од воздухопловството би можеле тројно да се зголемат во споредба со досегашното ниво.
Воедно, „Гардијан“ пишува дека авијацијата е комплициран сектор за декарбонизација поради сложените технички решенија за самите авиони, па така проценките се дека невозможна мисија е авио индустријата да достигне нулта емисија на штетни гасови кои доведуваат до климатски промени за периодот до 2050 година.
meta.mk