ноември 22, 2024

МЗ: Невакцинираните имаат 11 пати поголема веројатност од смртен исход од ковид-19

Центарот за превенција и контрола на болести на САД(CDC) објави нова студија, која јасно ја нагласува ефикасноста на вакцините против ковид-19 против сериозни болести или смрт, информираат од Министерство за здравство.

„Оваа студија е спроведена во период од повеќе од три месеци, испитувајќи ги хоспитализациите и смртните случаи од вирусот ковид-19 и заклучоците од истата покажуваат дека дури 10 пати е поголема веројатноста невакцинираните луѓе да бидат хоспитализирани, односно 11 пати е поголема веројатноста дека ќе имаат смртен исход од болеста. Според анализите во раното издание на студијата за состојбата со пандемијата, земајќи го во предвид четвртиот епидемиолошки бран и значајното проширување на новата делта варијанта во САД, хоспитализацијата и смртта од болеста доживуваат пад во текот на целиот период,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека Центарот за превенција и контрола на болести на САД(CDC) во својот неделен извештај кој се однесува на морталитетот и морбидитетот укажува на стапките на инциденца, поврзани со ефективноста на вакцините.

„Инциденцата на инфекција со САРС-КоВ-2, хоспитализација и смрт е повисока кај невакцинираните отколку вакцинираните лица, и според Центарот за превенција и контрола на болести на САД(CDC) вакцинирањето штити од тешки заболувања од ковид 19, вклучувајќи го и делта сојот на вирусот. Следењето на инциденцата на ковид-19 според статусот на вакцинација може да обезбеди рани сигнали за потенцијални промени во ефективноста на вакцината, што може да се потврди преку цврсти контролирани студии,“ се додава во соопштението.

Од Министерство за здравство потенцираат дека вакцините се безбедни и штитат од неконтролирано ширење на вирусот ковид-19.

„Сите вакцини штитат од тежок тек на болеста и смртен исход и тие се единствениот начин да се спречи оваа пандемија со која се бориме веќе долго време. Сите студии, анализи насекаде во светот покажуваат значајни придобивки во борбата вирусот. Само со масовна вакцинација ќе успееме да се извлечеме од вирусот ковид-19 и да се вратиме во нормален и безбеден начин на живеење,“ се вели во соопштението.

Линкови до студиите:https://www.cdc.gov/mmwr/volumes/70/wr/mm7037e1.htm?s_cid=mm7037e1_w

https://www.cdc.gov/mmwr/volumes/70/wr/mm7037e2.htm?s_cid=mm7037e2_w

Read Previous

Одземени лиценците на тројца трговци со нафтени деривати

Read Next

ДЗС: Заклучно со вчера, попишани се 308.551 граѓани