Семејството на премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, одлучило да ја напушти Србија, каде живее, поради инцидент кој се случил вечерва во Белград, јавуваат црногорски Вјести.
Медиумот, повикувајќи се на извор близок до семејството, пишува дека српската полиција наводно репетирала пиштол кон синот на премиерот и кон член на неговото обезбедување. Истиот извор наведува дека тие биле претресувани поради наводна дојава дека се вооружени. Од семејството на премерот, пак, тврдат оти станува збор за оружје кое го поседува обезбедувањето и кое уредно е пријавено кај српските органи.
„Вјести“ објави и видео во кое се гледа дел од инцидентот односно како една од ќерките на премиерот, Јелена, негодува за однесувањето на полицијата.
Според закон, потсетува медиумот, децата на премиерот се под заштита и тоа важи и надвор од границите на Црна Гора.
Ќерките на премиерот Здравко Кривокапиќ, Јелена и Милена, кои живеат во Белград, веќе еднаш го напуштаа главниот град на Србија. Кон крајот на јуни, откако беа мета на белградските таблоиди изјавија дека не се чувствуваат безбедно и оти нивното семејство поради тоа е изложено на незапаметен медиумски линч.
Откако заминаа од Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги повика да се вратат во Србија порачувајќи им дека се добредојдени да живеат таму.
„Ќе им ја гарантираме безбедноста. Србија е земја на добри домаќини и добри луѓе и кај нас не може да биде поинаку“, рече Вучиќ.
Ќерките на премиерот потоа соопштија дека решиле да се вратат во Белград.
„Убаво е да си дома. Откако претседателот Вучиќ ни гарантираше за нашата безбедност, одлучивме нашите деца да продолжат со образованието во Белград, каде што и го започнаа“, соопштија тогаш од семејството Кривокапиќ.