Вработените во Армијата и одбраната следната година треба да добијат повисоки примања, откако Владата го усвои Буџетот за 2027 година, кој предвидува зголемување на платите за 10 проценти. Ова го соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски, посочувајќи дека предлог-буџетот сега треба да биде доставен до Собранието.
Според најавата, зголемувањето нема да се однесува само на основната плата, туку ќе ги опфати и сите останати компоненти што влегуваат во нејзината пресметка.
Мисајловски оцени дека станува збор за историски најголемо зголемување на платите во апсолутна вредност. Како што посочи, договорот бил постигнат преку социјален дијалог и соработка со синдикатите и претставниците на Армијата.
Министерот им се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за поддршката, а на вработените во Армијата и одбраната им упати честитки за најавеното зголемување.


