На 01.11.2026 во периодот од 12:00 до 18:00 часот, на територијата на целата држава, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спровел акциска контрола насочена кон откривање и санкционирање на возачите кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната, информираат од МВР.
Оттаму посочија дека при спроведената контрола, констатирани биле вкупно 434 прекршоци, од кои 192 се однесуваат на возачи кои ја пречекориле дозволената брзина во населено место, додека 242 прекршоци се констатирани надвор од населено место.
Во рамки на контролата евидентиран е и еден случај на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“, а дополнително, констатирани биле и 103 други видови на прекршоци.
Нагласија дека за сите констатирани прекршоци, преземени биле соодветни мерки согласно законските прописи.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со спроведување на акциски сообраќајни контроли и апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат одговорност и внимателност, да ги почитуваат ограничувањата на брзината и сообраќајните правила и прописи. Почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, затоа што секој живот е важен“, апелираат од МВР.


