November 2, 2026

Од 15 ноември задолжителна зимска опрема во возилата – еве што мора да имате во автомобилот


Возачите во Македонија треба навреме да ги подготват своите возила за зимските услови, бидејќи од 15 ноември стапува на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема. Обврската ќе важи до 15 март, а непочитувањето на пропишаните правила може да создаде ризик за безбедноста во сообраќајот.

Од Министерството за внатрешни работи потсетуваат дека задолжителната зимска опрема е регулирана со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, велосипедите и запрежните возила за безбедно учество во сообраќајот, како и на тракторите при извршување земјоделски и шумски работи.

Што треба да имаат патничките возила?

За моторните возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, како зимска опрема се сметаат:

  • Зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри.
  • Пневматици со летен профил на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри, под услов возилото да поседува синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Кај возилата со погон на четири тркала (4×4), правилата се малку поинакви. Доколку се користат зимски пневматици, тие треба да бидат поставени на сите четири тркала и да имаат минимална длабочина на шарата од 6 милиметри.

Доколку возилото има летни пневматици, минималната длабочина на шарата треба да биде 4 милиметри, а во задолжителната опрема треба да има и синџири за снег. Кај возилата со постојан погон на сите четири тркала, синџирите треба да ги имаат најмалку за задната осовина, додека кај возилата со преклоплив погон – за постојано вклучената осовина.

Посебни правила за камиони и автобуси

За моторните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, задолжителни се зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од 6 милиметри.

Како зимска опрема може да се користат и пневматици со летен профил на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарата од 4 милиметри, доколку возилото поседува соодветни синџири за снег или други помагала.

Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала, мора да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Од МВР појаснуваат дека за зимски пневматици се сметаат оние на чија странична страна има ознаки „MS“, „M+S“, „M&S“, како и симбол на снегулка во стилизирана планина со три врва.

Дополнително, според важечкиот правилник, во патниот сообраќај е забрането користење пневматици со клинци.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите навреме да ја обезбедат потребната зимска опрема и да ги почитуваат законските обврски, со цел побезбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.

Read Previous

Јахији победи во Брвеница со 265 гласа разлика пред Радичевски

Read Next

Сиљановска-Давкова ѝ честита на Јотова за изборната победа, повика на зајакнување на македонско-бугарските односи