Во Скопје се одржа 15. Меѓународна работилница „Комуникација со иднината“, во соработка меѓу Врховниот совет за радио и телевизија на Турција (РТУК) и Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ), јавува Анадолу.
На отворањето на работилницата, кое се одржа во кампусот на ИБУ, присуствуваа амбасадорот на Турција во Скопје, Алпер Акташ, претседателот на РТУК, Мехмет Даниш, ректорот на ИБУ, проф. д-р Мехмет Булут, претставници на турски и локални институции и организации во земјата, претставници на академската фела, студенти и гости.
Амбасадорот Акташ во своето обраќање се осврна на влијанието на вештачката интелигенција врз медиумите, посочувајќи дека на работилницата ќе се дискутира за медиумската етика.
Акташ истакна дека работилницата е исклучително важна и нагласи дека студентите треба да ѝ посветат големо внимание.
Претседателот на РТУК, Даниш, рече дека теми на работилницата, во рамките на најновите случувања, ќе бидат вештачката интелигенција, медиумската етика и дигиталната безбедност.
„Со овие работилници, кои станаа традиција, цел ни е да создадеме широка мрежа во нашето духовно поднебје во областа на медиумите, како во приватниот, така и во јавниот сектор, особено во светлината на дигиталните промени во последните години. Сметаме дека во голема мера успеавме во тоа“, рече тој.

