Шеесет и шестгодишна пациентка почина на Инфективната клиника во Скопје од западнонилска треска, со што вкупниот број починати од вирусот во Северна Македонија се искачи на 11.
Директорот на клиниката, Фадил Цана, соопшти дека пациентката починала од тешка форма на болеста, кај која бил зафатен централниот нервен систем.
Тој рече дека пациентката имала повеќе придружни хронични заболувања и дека нејзината клиничка состојба била многу тешка.
Цана информираше дека на клиниката е хоспитализирана и друга пациентка со тешка форма на болеста, која речиси еден месец е на одделот за интензивно лекување и е на механичка вентилација.
Тој истакна дека охрабрува фактот што од 25 септември не е регистриран ниту еден нов случај на хоспитализација.
