October 7, 2026

Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Турција, Алпер Акташ

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Турција во Скопје, Алпер Акташ.

Посакувајќи му добредојде на новата функција, Сиљановска-Давкова изрази уверување дека за време на неговиот мандат добрите македонско-турски односи ќе станат уште подобри, се вели во соопштението на Кабинетот на претседателката.

Таа истакна дека Турција не е само стратегиски партнер и значаен сојузник во НАТО, туку и искрен пријател којшто ги разбира приоритетите на Северна Македонија. Според неа, формирањето на Советот за соработка на високо ниво претставува политички чекор напред.

Амбасадорот Акташ ја истакна важноста на стратегиското партнерство за двете земји.

Сиљановска-Давкова оцени дека постои простор за соработка во економијата, трговијата, одбраната, инфраструктурата, енергетиката, туризмот, културата и образованието.

Таа ја поздрави и Балканската платформа за мир, иницирана од Турција, како рамка за градење регионална стабилност преку дијалог.

Соговорниците оценија дека турската заедница е важен сегмент од етничкиот и религиозниот мозаик на Северна Македонија, додека граѓаните со македонско потекло во Турција претставуваат цврст мост меѓу двете земји.

Тие споделија и лични приказни што ги поврзуваат. Амбасадорот Акташ укажа на своето македонско семејно потекло, додека Сиљановска-Давкова потсети дека е родена во турска куќа во Охрид.

На крајот, претседателката Сиљановска-Давкова му посака успех на амбасадорот Акташ во извршувањето на неговата одговорна амбасадорска функција.

Read Previous

ЕВН Македонија донираше училница во Кочани

Read Next

Халкбанк со донација од 30.000 евра ја реновираше читалната на Економскиот факултет во Скопје