Од почетокот на годинава до денес, пожарникарите од Кичево интервенирале во вкупно 342 пожари.
Најголем дел од пожарите биле регистрирани на отворен простор.
И покрај недостигот на механизација, екипите на противпожарната служба во ниту еден момент не отсуствувале од терен и биле достапни за граѓаните при секоја можна опасност.
„Од почетокот на 2026 година се регистрирани 342 пожари, од кои 140 биле пожари на отворен простор, додека останатите биле на диви депонии, грмушки, а мал дел биле шумски пожари“, изјави Филип Митревски, командант на пожарникарите во Кичево.
Тој посочува дека најтешки за гаснење се шумските пожари, поради непристапниот и тешко прооден терен.
„Пожарите во планинските предели се најтешки поради пристапот до теренот. Кога имаме пожари на непристапни терени, помош добиваме и од Јавното претпријатие „Национални шуми“, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, па заеднички се справуваме со пожарите“, изјави Митревски.
Тој додава дека во зимскиот период се очекуваат и интервенции поради пожари во оџаци, што се случува секоја година и предизвикува голем број интервенции.
Митревски апелира оџаците да се исчистат навреме, пред почетокот на грејната сезона, и да се посвети особено внимание на безбедноста во станбените згради.


