October 3, 2026

„Бела ноќ“ во Скопје: Бесплатен превоз, продолжено работно време на угостителите и бесплатен влез во Зоолошката

Во Скопје вечер ќе се одржи манифестацијата „Бела ноќ“, а по тој повод се воведуваат повеќе погодности за граѓаните.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје ќе биде продолжено за два часа, со цел дружењето и атмосферата да траат подолго.

Превозот со автобусите на ЈСП ќе биде бесплатен од 18 часот на 3 октомври до 5 часот на 4 октомври. Бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.

„Бела ноќ повторно во Скопје! Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. На 3 октомври, Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата Бела ноќ“, објави Ѓорѓиевски.

Манифестацијата ќе се одржува од 19 до 3 часот, а плоштадите, мостовите, галериите, музеите и чаршијата ќе бидат дел од програмата.

Уметнички содржини ќе има на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ, во МКЦ, на Мостот на уметноста, на Боемска улица и во Старата скопска чаршија.

Дел од „Бела ноќ“ ќе бидат и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, ДКЦ „Карпош“, Градската библиотека, Чифте амам, улицата „Македонија“ и Музејот на современата уметност.

„Излезете со семејството, повикајте ги пријателите и одберете ја својата прва станица. Дозволете му на Скопје да ве изненади со нешто што досега не сте го виделе, слушнале или почувствувале. Бела ноќ е покана за сите генерации, за сите што го сакаат овој град и за сите што допрва ќе го доживеат“, порача Ѓорѓиевски.

Read Previous

НБРМ со нови правила за банките за кредитите за граѓаните – станбените кредити ќе мора да се отплатат до 25 години

Read Next

Румен Радев ги прими останките на Цар Самоил