На 27 ноември во Охрид ќе се одржи состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.
Состанокот се одржува во организација на претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателката на Северна Македонија.
Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива основана во 2013 година од Словенија и Хрватска, со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и зајакнување на регионалната соработка и стабилност. Во овој процес учествуваат Северна Македонија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Последниот состанок на процесот се одржа во Албанија во октомври минатата година.
